Достапни линкови

НАТО слави 75-годишнина, но ги чувствува годините


Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

НАТО денеска (4 април) слави 75 години. Роденденот на Алијансата се одбележува со различни церемонии во седиштето на Алијансата во Брисел и на други места во главниот град на Белгија, вклучително и облекување на култната градска статуа на момче, во костим на НАТО.

И тоа е отприлика толку забавно колку што може да биде за остарената воена организација. Министрите за надворешни работи на 32-те НАТО сојузници исто така се собираат два дена пред годишнината и додека ќе има многу оптимистички и свечени разговори за силата на Алијансата и за фактот дека овој министерски состанок ќе биде прв со Шведска како целосна членка, сепак на „хоризонтот се собираат облаци“.

Овој дводневен состанок доаѓа речиси точно три месеци пред клучниот самит на НАТО во Вашингтон во јули. Слободно може да се каже дека одбројувањето започнува сега, бидејќи министрите за надворешни работи ќе се занимаваат со истите прашања како лидерите во лето, а тоа се: војната во Украина и како НАТО може да ја зголеми својата поддршка за Киев, изгледите на Украина да ја следи Шведска во НАТО и како може да изгледа патот до таа цел. И, конечно, кој треба да го замени генералниот секретар Јенс Столтенберг, кој се пензионира подоцна оваа година по една деценија на чело на Алијансата.

Министрите за надворешни работи оваа недела нема да донесат никакви одлуки за решавање на некој од овие предизвици, но од сега и кога нивните шефови ќе се соберат во главниот град на Соединетите Држави на 9 и 11 јули, некои работи ќе треба да се решат.

Најважно од сè, е воената поддршка на Украина. Со оглед на тоа што речиси 60 милијарди долари американска помош за Украина сè уште е заглавена во Конгресот, европските пријатели на Киев се обидуваат да им дадат што можат на нивните помалку вооружени партнери, додека остануваат стравувањата од руска офанзива во наредните месеци што може да ги наруши одбранбените линии на Украина.

Сепак, музиката за расположение е малку помалку мрачна од почетокот на оваа година.

„Во моментов е мрачно, но не и катастрофално. Русија напредува малку, но полека“, признава дипломат на НАТО.

Потоа беше прашањето за испорака на гранати во Украина, нешто што е далеку од решено, но членките на Алијансата барем почнуваат да ги произведуваат во земјата и да ги набавуваат од трети земји во светот. Тоа е далеку од доволно, според сите проценки, но барем прогнозата е малку подобра. Наместо тоа, очигледниот проблем сега е противвоздушната одбрана и особено ракетите за заштита на украинските градови и инфраструктура.

Еден извор ми рече дека „тоа не е доволно ниту за Украина ниту за Алијансата и ние не сме доволно добри во тоа во моментов“.

За разлика од гранати, проектилите не се нешто што може да се добие надвор од Алијансата или брзо да се произведе бидејќи се технички покомплексни.

Еден од начините за заобиколување на проблемот, Столтенберг го претстави непосредно пред министерскиот состанок на кој НАТО како организација на Украина би и доделил петгодишен пакет воена помош до 100 милијарди долари. Парите би биле обезбедени од сите земји-членки користејќи иста структура, врз основа на бруто националниот приход (БНП) на земјите, кој се користи за финансирање на заедничкиот буџет на НАТО. Прашање е дали сите членки ќе бидат вклучени во ова до самитот.

Предлогот на генералниот секретар во голема мера е дел од она што претставниците на НАТО го нарекуваат „институционализација на помошта за Украина“. Во основа, ова е обид на НАТО да „превземе“ различни ад хок иницијативи за помош на Украина. Размислете за украинската одбранбена контакт група (позната како Рамштајн формат), која сега е предводена од Соединетите Држави и обединува 50 земји кои се состануваат речиси месечно за да ја снабдуваат Украина со оружје. Или коалицијата Ф-16, група од десетина сојузници на НАТО кои обучуваат украински пилоти да управуваат со борбен авион.

НАТО размислува за еден вид мисија за обука во Украина за да ги преземе различните напори предводени од одделни земји-членки, но веќе се соочи со пречки. Неколку извори ми кажаа дека Унгарија во моментов е против оваа „НАТО-изација“. Постоеше цел во организацијата да се финализира нацрт-мандатот за украинската мисија на министерско ниво, но тоа нема да се случи бидејќи се потребни дополнителни дискусии.

Значи, што е со приближувањето на Украина со НАТО? На самитот на НАТО во Вилнус минатата година беше договорено откажување на Акциониот план за членство (МАП) за Украина, неопходен чекор во различните политички и воени реформи кои требаше да се завршат пред пристапувањето. Но, не можеше да се отиде подалеку од тоа. Нема пат до членство и нема датум, само реченица во која се вели дека „ќе бидеме во позиција да упатиме покана до Украина за членство во Алијансата, кога сојузниците ќе се согласат и ќе бидат исполнети условите“.

На тој фронт НАТО не се помести многу од Вилнус. Некои, особено на источното крило, сакаат да го надминат „јазикот од Вулнус“, а други не. Дури и термините се отворени за толкување. Се разбира, некои може да се измерат, како што е спроведувањето на антикорупциските и реформите во безбедносниот сектор. Но, се чини дека клучниот услов е поврзан со војната. Точно е дека повеќето членки на Алијансата не сакаат директен конфликт со Русија, така што нема членство, сè додека борбите траат.

Прашањето е тогаш што да се понуди на самитот во Вашингтон? Некој вид делумно членство што ги покрива само териториите што Киев ги има под политичка контрола? Може или треба дури и Киев да прифати таков договор што де факто би ја поделил земјата? И дали сите 32 членови ќе се согласат да понудат такво нешто? Сè што сега слушаме е дека „достигнувањата на самитот во Вашингтон ќе бидат потешки од оние во Вилнус, со зацврстување на позициите“. Претстојните избори во клучните членки на Алијансата, како што се САД, и намалената поддршка за украинските воени напори се чини дека се најголемите фактори кои придонесуваат за овој ќор-сокак.

И конечно, ја имаме смената на Столтенберг. Ова требаше да се заврши во април со тоа што големата четворка на Франција, Германија, Обединетото Кралство и Соединетите Држави официјално го поддржаа холандскиот премиер во заминување Марк Руте. Повеќето други членови, исто така, ја поддржаа неговата кандидатура, вклучително и неколку земји од источното крило, како што се Естонија и Полска.

Но, нема знаци дека Романија, чиј претседател Клаус Јоханис е ривалски кандидат, сè уште ќе попушти, особено не откако Унгарија е против Руте. И Турција во моментов е неодлучна по ова прашање. Официјално не е на дневен ред во Брисел оваа недела, но се очекува некои министри да го покренат и да го поддржат Холанѓанецот. Исто така се очекува многу двоумење и погодување од страна.

Но, немојте да се изненадите ако ова се одолговлекува до летото, можеби дури и до самиот самит. НАТО старее, а прашањата сè уште ќе постојат дури и ако Алијансата е доволно агилна да ги отстрани сите пречки на својот пат.

XS
SM
MD
LG