Јакимовски: Очигледно на граѓаните им одговара да имаат корумпирана администрација, превработена

Стевчо Јакимовски и вечерва меѓу првите призна пораз, овој пат на парламентарните избори. Смета дека граѓаните не го препознале концептот на коалицијата „Храбро за Македонија“.

„Сакам од оваа говорница да го признам поразот на овие парламентарни избори. Очигледно граѓаните не го препознаа нашиот концепт за развој на Република Македонија и во делот на социјалната заштита, во делот на реформите за образованието. Очигледно дека на граѓаните ваков систем на образование им одговара. Очигледно на граѓаните им одговара да имаат корумпирана администрација, превработена. Очигледно на граѓаните им одговара да има граѓани кои седат дома, а примаат плата и очигледно гласаат за партизирана администрација и за уште поголемо полнење на администрацијата на товар на стопанството. Очигледно дека граѓаните на Македонија не сакаат реформи во здравството, не сакаат повисоки приходи за лекарите, не сакаат подобра опрема во здравството, не сакаат нови современи методи, го сакаат овој хаос во здравството“, рече Јакимовски.