Наумов за ТВ 24: Ќе биде чудно што претседателските кандидати ќе зборуваат за соживот, а партиските лидери играат на етничка карта

На почетоците од независноста се учевме на плурализам, демократија, па сите одеа на митинзите, одеа да ги слушнат пораките. Но сега е поинаку. По малку е здодевно. Тоа нам новинарите и не ни одговара, ние сакаме кога има афери или скандали. Црните кампањи не се непознати во светот, се прават да се одвратат гласачите од некој кандидат. Вака е и затоа што на обичниот граѓанин му е здодеано од политика. Конвенционалните медиуми мора да ги почитуваат сите закони, но дигиталните медиуми се друга прикаска. Пендаровски и Силјановска Давкова се веќе видени и меѓу себе соочени кандидати, па не верувам дека имаат нешто ново да си кажат. Јас повеќе очекував од другите кандидати за претседател. Но, од утре веќе почнува кампањата за парламентарните избори и тука очекувам пожестока дебата, на остварливоста на ветувањата, на општествените проблеми, на економијата - тоа е посуштествено од препукувањата, вели новинарот Столе Наумов во емисијата 24 анализа на ТВ 24.

- Не знам како е во другите земји, може таму има поголема култура, ама ако ние немаме култура треба да се стави во закон кандидатите за претседател да мора да се соберат на навионалниот ТВ сервис на дебата, вели Наумов.

Наумов вели дека не е рамноправен односот како си ги делат парите и рекламите големите партии и помалите партии, особено опозиционите. Вонпарламентарни партии имаат одредено 30 секунди од час по изборна единица - тука спаѓаат со по околу 11 илјади евра и ЗНАМ, и ГРОМ и Левица.

- Големите зедоа се што може. Тие не си ги вадат очите меѓу себе, заклучува Наумов.

Наумов вели дека балансерот ваков како што е е проблематичен, но може да се спои со мерит системот, пак да биде Албанец ама да биде стручен за тоа место каде што се вработува.

- Многу ќе биде чудно во вториот круг претседателските кандидати ќе зборуваат за соживот за да привлечат и гласови од другите заедници, а во исто време лидерите на партиите во кампањата за парламентарни избори ќе играат на етничка карта, вели Наумов.