Loading Video...
Балкан
3. May 2024 - 16:37

Годишнина од масакрот во училиште во Белград

Звукот на сирените во 8.41 утринава потсетија на големата трагедија во Белград од 3 мај лани. 13 годишниот Коста со пиштол уби деветмина свои соученици, а го застрела и школскиот чувар. Денеска, тажни сцени пред училиштето Владислав Рибникар. Родители на застреланите деца, роднини, пријатели, голем број граѓани дојдоа да оддадат почит. Свеќи, свежо цвеќе и многу солзи пред фотографиите на децата чии срца прекинаа да чукаат во монструозниот масакар на својот врсник. Само утринскиот дожд ја нарушуваше тишината пред училиштето.

Во знак на сеќавање утрово, на една минута програмата ја прекинаа и електронските медиуми во Србија.

Пред училиштето почит оддаде и претседателот Вучиќ.. Тој на интернет напиша:

„Помина една година од незапамтената трагедија која остави неизбришлив белег на душата за целата држава, а не поминаа болката, неверувањето и неизмерната тага“

Во паркот Ташмајдан пак специјален тим експерти одговара на прашања од граѓаните – кои се причините и последците од масовното убиство и колку тоа го променило општеството.

„Зошто ни се случи оваа трагедија, какви се последиците од неа и што е најважно, што треба да промениме кај себе и во друштвото за во иднина да не ни се случуваат вакви работи, или барем да ја смалиме веројатноста повторно да се случат вакви трагедии“

Во меѓувреме, во тек е судењето за родителите на 13 годишникот на кои им се заканува затвор до 12 години. Момчето пак се уште е во детската клиника за психијатрија.. Заради возраста кога го стори делото тој не подлежи на кривичен прогон..

Во недела пак се навршува една година на уште едно масовно убиство кое се случи во Србија на 5 мај лани откако 21 годишно момче застрела осум, а повреди 14 луѓе.