Драма на „Емирејтс“, Арсенал го доби пенал рулетот против Порто

Фудбалерите на Арсенал се пласираа во четвртфиналето во Лигата на шампионите. Арсенал во реваншот го победи Порто по изведувањето пенали со 4:2, откако по 120 минути игра резултатот беше 1:0.

На првиот натпревар одигран во Португалија, Порто победи со 1:0, што значи дека избраниците на тренерот Микел Артета за возврат се соочија со тешка задача. Арсенал поведе во 41. минута со голот на Леандро Тросард кој го искористи одличното додавање на Мартин Одегард и го погоди спротивниот агол од голот на Порто.

Тоа беше единствениот гол на натпреварот во регуларното време. Откако немаше голови и во продолженијата, следуваа пеналите.

Во пенал рулетот херој стана Давид Раја, кој ги одбрани ударите на Вендел во втората и Галено во четвртата серија. За Порто погодија Пепе и Грујиќ. Од пенал за Арсенал погодија Одегард, Хаверц, Сака и Рајс.

Покрај Арсенал, пласман во четвртфиналето обезбедија Пари Сен Жермен, Баерн, Реал Мадрид, Манчестер Сити и Барселона.

Вечерва ќе бидат познати и последните учесници во четвртфиналето откако реваншите ќе ги одиграат Атлетико и Интер, односно Борусија Дортмунд и ПСВ Ајндховен.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.