Што не знаеше Орвел?

Поттикната од моментумот, низ призма на претстојните претседателски и парламентарни избори, кој можеби е најзначаен за нашата држава од осамостојувањето, и загрижена за тоа што му се случува на политичкиот јазик, поради прекинот на врските меѓу него и објективната реалност во која се наоѓаме, правам обид низ овој текст да истакнам дека состојбата не била поалармантна досега.

Се присетувам на лелекањето на Орвел низ неговото дело „Политиката и англискиот јазик“ од 1946 година и злоупотребата на анлискиот јазик во политиката. Поуките од неговото дело се уште звучат вистинито, но условите за дискусија рапидно се поместени. Познато ни е дека политичарите секогаш земале преголема слобода во однос на вистината и дека политиката се прикажува како вештина во потрага по моќ, за да на крајот заврши со премисата: Отсекогаш било вака.

Не смееме да го прифатиме ова тврдење, бидејќи идеологијата и науката се испреплетуваат со јавниот дискурс. Се чини дека никогаш досега посилно не биле изразени методите на религиозната десница кои ги користи да влијае врз изразот и практиката на медиумите или пак светот на истражувачко-аналитичките институти (тн. тинк-тенк) финансирани од политиката кои вешто фабрикуваат псевдоопштествена наука којашто на иделогијата и овозможува да ги покрие фактите. Или за когнитивниот и емотивниот процес кај избирачите врз преобликување на пораките и стратегиите на кампањите.

Со појавата на Левица на политичката сцена, се создаде состојба кога и на обичниот ветер му се даде изглед на постојаност. Таа е повик да се говори јасно и да се дејствува чесно. Многумина го препознаа овој политички јазик, бидејќи е претставен со цел да го направи просечно писмениот читател јасно да размислува и да го разбере она што му е кажано. Се разбира дека доколку на луѓето им се каже вистината, мислејќи разумно, ќе дојдат до правилни заклучоци. Зборовите се нервни линкови помеѓу говорните и текстуалните изрази, затоа кога ќе слушнеме некои зборови се активираат асоцијативните нарации заедно со нивните емоции. Имено, голем дел од зборовите од јазикот на политиката може да активираат делови на мозокот, на пример: војна против тероризмот, даночно олеснување, приватни сметки, право на абортус, фаќа магла, енергетска независност. Кога ваквите зборови се повторуваат секој ден, области од нашиот мозок одново и одново се активираат, што доведува до промени во мозокот. Тоа што сакам да го кажам е дека во политичката комуникација посебна важност имаат асоцијативните мрежи-бројни мисли, чувства, претстави за нештата околу нас, сеќавања, и емоции, кои се активни без да сме свесни, но обликуваат мисли и однесувања, вклучувајќи го и изборното однесување.

Денес, после децении независност, не успеавме да поттикнеме природен развој во општеството, туку, напротив, уште пострашно е кога ќе се видат политичките последици  во форма на орвелијанско изопачување на законите и логиката. На борбата на интегритет на знаењето повеќе се гледа како на борба за контрола врз владата или за реформа на државната администрација, важна, но некако периферна во реалниот политички живот, бидејќи тој повеќе е насочен кон победа на следните избори, отколку кон внесување ригорозност и одговорност во јавната дебата. Но, разнишаниот статус на знаењето не е едноставно дело на некаква пакосна администрација, ниту пак нешто што може да се поправи со враќање кон некои општоприфатени стандарди за објективност на разумот и политичкиот консензус. Тој е последица на пошироки случувања во македонската политичка култура (што ќе речеше мојот поранешен германски професор, ја немате изградено) за кои Орвел не знаеше. Но, ова не значи дека не можеме да се свртиме кон Орвел за да разбереме како различните импулси се хранат меѓусебно и произведуваат лошо знаење, оние на десничарските идеологии со наметнување технократски орудија на делувања и либералните експерти со одделување на фактите од основните вредности, општествените причини и историскиот контекст. Главната дебата треба да ни биде како да се искоренат лошите навики кои го поматуваат и академскиот и политичкиот јазик. На тој начин ќе започнеме со обновување на политичките принципи и условите на општествената расправа за границите на политичкиот потенцијал. Ваквите насоки се елементарни и повикуваат на длабоки промени. Тие пред се повикуваат на поголема разбирливост на понудените идеи, како и промени во однос на практиките.

Имајќи го во предвид сегашното ниво и здравјето на нашиот целокупен општествен систем, не ми останува друго, туку да ве повикам масовно да излезете на претстојните избори и да придонесете за воспоставување на нови правци на дебата во демократскиот дискурс.

Можеби од денешна перспектива Орвел ни звучи наивно, но тој ќе остане мојот херој!

  • Името на авторката е познато на Редакцијата