Од проект за мир до геополитички немир

05.01.2024 01:41
Од проект за мир до геополитички немир

Од неформализирано сојузништво преку ривалство до непријателство. Тоа е патот кој во своите односи го поминаа Европската унија и Русија за малку повеќе од четвртина век. Европската унија истовремено го премина патот од заедница која е основана како проект за мир до геополитичка унија која своите потези ги влече на голема шаховска табла во конфронтација со Русија. Таков нов потег се случи на 14 декември во Брисел, кога челниците на државите членки на состанокот на Европскиот совет одлучија да отворат пристапни преговори со Украина и Молдавија. Единственото нешто што се крие зад таквата одлука е политиката на попречување на Русија (за што, таа за волја на вистината, даде голем придонес) и нејзино држење колку што е можно подалеку од Европската унија.

На сите им е јасно, можеби дури и на претседателот Володимир Зеленски, дека овие две држави не ги исполнуваат ни основните услови за отворање преговори. Едноставно, нивото на демократија и владеењето на правото во овие земји не е доволно за таква одлука. Меѓутоа, се работи за две држави кои територијално се опколени од Русија. Повеќе од три децении Русија во Молдавија го контролира делот кој се вика Приднестровие, а на Молдавија ѝ е потребно да биде вовлечена во ЕУ орбитата и колку што е можно повеќе да биде оддалечена од Русија за да се сузбие нејзиното влијание барем во останатиот дел од земјата.

Фактите за Украина се многу попознати: уште во 2014 година Русија го анектираше Крим, а под своја контрола стави делови од Доњецката и Луганската област. Со нападот на Русија на Украина во февруари минатата година дел од територијата на Украина кој го контролира Русија е зголемен. Но Европската унија уште во минатото покажуваше дека прагматичните цели ѝ се над начелата. Треба да се сетиме на 2004 година, на големото проширување, и на случајот со Кипар кога пола држава беше примена во ЕУ. Другата половина е под контрола на Турција веќе половина век.

Не толку одамна, во времето на падот на Берлинскиот ѕид, рушењето на социјалистичкиот поредок во Европа и крајот на советската доминација над сателитите во средна и југоисточна Европа, Европската унија беше проект за мир. Така беше замислена уште пред седум децении. Токму така за неа зборуваше германскиот „канцелар на обединувањето“ Хелмут Кол. Во говорот во Европскиот парламент во 1989 година, по падот на Берлинскиот ѕид и почетокот на повторното обединување на Германија, рече дека „изградбата на обединета Европа пред сè е мировна работа“, зборуваше за визијата за европскиот поредок на мирот, а за него крајот на конфронтациите од периодот на студената војна, првпат по Втората светска војна, беше „надеж за надминување на конфликтот исток-запад со трајна стабилност и заедничка слобода во цела Европа“.

Средината на деведесеттите нудеше надеж, меѓу другото и зашто Русија беше слаба. Ниту се доживуваше како опасност, секако ни блиску до опасноста што ја претставуваше Советскиот сојуз, ниту беше доволно моќна за да биде закана. Во март 1997 година претседателот на Русија, Борис Елцин ја посети Финска. Се сретна со колегата Марти Ахтисари и сите ги изненади со изјавата дека Русија сака да биде членка на Европската унија. Новинарите го прашаа и што мисли за членството на балтичките земји (Литванија, Латвија и Естонија станаа членки во 2004 година) во Унијата, особено беа заинтересирани за Естонија заради бројното и обесправено руско малцинство, а Елцин рече дека нема забелешки за нивното членство во ЕУ. Во тој период Русија со ЕУ имаше договор за партнерство кој беше потпишан 1994 година. Оттогаш се променија многу нешта: полтиката и одлуките се формулираат врз основа на заклучокот дека си работат зад грб - Русија ја поткопува Европската унија и сака да го обнови царството, Европската унија сака што послаба Русија и ќе направи сè што може за да ја ослабне. Двете нешта се точни.

Европската трансформација е ограничена. Денешната Унија е настаната како утописка политичка идеја за мир, но со текот на времето се промени во економска заедница која промовира либерални политички вредности засновани на демократијата и владеењето на правото, а денес станува збор за политичка унија со не толку мала, но сепак недоволна политичка моќ. И покрај сите напори ЕУ тешко може да биде глобален геополитички играч. За да стане играч мора да има војска, и особено, морнарица.

Со одлуката да отвори пристапни преговори со Украина и Молдавија, ЕУ целосно се позиционираше во однос на Русија: таа сака да ја шири својата сфера на интерес колку што е можно подлабоко во она што Русија го смета за свој двор. Во случајот со Украина и не само за двор. Но таквата трансформција на ЕУ има значајни ограничувања кои не се однесуваат само на недостатокот на воена компонента. Одлуката за отворање пристапни преговори во моментов е примарно политичка декларација насочена против Русија. Преговорите се отворени зашто унгарскиот премиер Виктор Орбан во моментот на одлучувањето не беше во просторијата. Така избегна да ѝ се спротивстави на ЕУ за важната политичка одлука, не се замери ни со Русија, а одлуката е усвоена. Но кога стана збор за нешто многу поконкретно од политичка декларација, а тоа е пакетот за помош за Украина вреден 50 милијарди евра, Орбан остана во просторијата и стави вето. Секако, потсети дека може да го запре пристапувањето на Украина во Европската унија.

Освен начинот на одлучување, Унијата има уште проблеми со одлуката за отворање преговори со Украина и Молдавија. Украинското пристапување, за членство и да не зборуваме, има своја цена која не е мала. Интерната студија на ЕУ од јули годинава покажа дека Украина, ако е членка, би имала право на 186,3 милијарди евра преку фондовите за помош во период од седум години колку што трае европската финансиска перспектива, односно буџетот. Тоа значи дека некои земји кои сега се нето приматели од буџетот на Унијата (повеќе повлекуваат одошто уплатуваат) би станале нето даватели, а давателите би требало да уплатуваат повеќе од она што го уплатуваат сега. Со јакнењето на десните политички опции во Холандија, па и во Германија, слабее перспективата на таквата скапа поддршка.

Слабост во тоа гледа и дописникот на германскиот Die Welt од Брисел, Кристоф Б. Шилц, кој тврди дека посветеноста на пристапните преговори во моментов не вреди многу. Сосема е нејасно кога Украина би можела да стане членка, членството би можело да биде оддалечено со децении. „Многу поважно од нејасното ветување за пристапување сега би биле доволни залихи оружје за Украина“, пишува Шилц. А токму оружјето е она што им недостасува на Европската унија и нејзините членки. И затоа е прашална трансформацијата во првокласен глобален играч, а трансформацијата во заедница која е во конфликт со Русија речиси на секој начин, освен вооружен, е завршена.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Kevin Chupik, "Farewell Europe"

Извор: https://portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото