Принудна управа или Европа?

10.01.2024 02:04
Принудна управа или Европа?

 

Пренесено од Дојче веле

Ако денес, по повеќе години, повторно го читам предлогот на еден поранешен премиер на Македонија дека треба да се укинат политичките партии и Собранието, а за спасување на државата да се воведе принудна управа под надзор на странци, немаше да бидам категорично против тоа еден бивши премиер на независна Македонија да објави јавно таква размисла во едно интервју за еден весник после повеќе години од неговата оставка на премиерската функција.

Тогаш, превагнаа моите аргументи дека и покрај сите мани нема подобро решение од повеќепартиски политички систем и парламентарна демократија и дека премиер кој на основа на таа закономерност и демократска придобивка бил на чело на една политичка влада не може да сугерира странски борд да управува со Македонија па макар бил и експремиер. Тој пасус од интервјуто на мое инсистирање отпадна. По се она што ни се случи во изминатите години во земјата од „цензурираното“ интервју морам да признаам дека човекот беше во право. Не дека нешто ќе се променеше во политичкиот систем на државата на предлог на бивши премиер, кој е единствениот претседател на влада во 80-годишната парламентарна историја на Македонија и во еднопартискиот и во повеќепартискиот систем кој има поднесено неотповиклива оставка на високата функција поради нефункционалност на владата диктирана од партиските врвови и со заштита на корумпирани министри и попречување на правдата.

Ако тогаш лидерите на коалиционите партии на власт не го пуштеа низ вода премиерот и ја искористеа шансата по неговата оставка владата да биде влада, а не двопартиски оркестар со двајца диригенти кои им диригираат на музичарите да свират по различни ноти, немаше да ни се случуваат катастрофални последици во речиси сите институции на системот.

 

Кај што не смее пиле да прелета влетаа насилници

Да тргнеме од последната вест по несфатливиот упад во кулата на Контрола на летање на авионите, каде не смее ни пиле да прелета, а не да дивеат насилници. Само што почна приведувањето на осомничените на распит одекна судир меѓу Кривичниот суд и Основното јавно обвинителство. Треба, или не треба притвор за сторителите на упадот. Има, или нема доволно докази да се искаже мерка притвор. Можат ли да избегаат, или доволни се искажените мерки на одземање патни исправи. Дали имало опасност, или немало опасност од загроза на авиосообраќајот. Дрн, дрн јариња класична партиска директива врз клучни правосудни институции во кои и онака никој не верува.

Одиме понатаму. Годината заврши со „јавно судење“, на вчудоневидување на нормалниот свет, на претседателката на Врховниот суд на Македонија Беса Адеми. Замислете, судијката дала интервју во кое кажала дека врз Врховниот суд има политички притисоци. Па има ли човек во оваа држава кој не верува дека и судиите во Врховниот суд се под партиски притисок. Судскиот совет се најде погоден од ваквата изјава во интервјуто и организираше сослушување и судење за разрешување на Беса Адеми бидејќи не доаѓала на седници каде мислењето на претседателот на Врховниот суд нема влијание на одлуките на судскиот совет. Наеднаш им текнало на судии од Судскиот совет да се фатат како пијани на тараби за формално правно неоправданите изостаноци на претседателот на Врховниот суд.

 

Попречувањето на правдата доаѓа од партиите

Управниот суд, пак, како гром од ведро небо донесува одлука за поништување на незаконска одлука на Судскиот совет за разрешување на претседателот на оваа значајна судска институција Весна Дамева која се враќа на претседателската функција. Новоименуваниот претседател на судскиот совет Сашко Георгиев поднесува експресна оставка со образложение дека неговата оставка нема врска со одлуката на Управниот суд. Следуваат разни изјави и дообјаснувања, иако јавна тајна е дека сите овие настани се директно поврзани со партиските врвови.

Повеќегодишниот судир на реалација Јавно обвинителство и Кривичниот суд, Јавно обвинителство и Специјалното јавно обвинителство, судовите и Апелациониот суд се исто така трагична последица за владеење на правото.

Попречувањето на правдата во Македонија доаѓа директно од политичките партии. Претседателот на Уставниот суд Добрила Кацарска две години по ред алармира дека не е комплетен судскиот состав за нормално функционирање на заштита на уставноста во државата. Работата на уставните судии за заштита и почитување од одредбите од конститутивниот закон на државата, уставот, што се вели „мајка на сите закони“, е доведена во прашање поради блокадата на највисокиот законодавен дом, Собранието на Македонија. Во Парламентот, поради партиски потреби не може да се донесат одлуки за доекипирање и нормално работење на Уставниот суд. Блокадата на законодавниот дом по потреба од македонската опозиција ВМРО ДПМНЕ и Левица, а во најава на уште една блокада од албанската опозиција за да се прогласи член на Државната изборна комисија од нивните редови, е само уште една потврда за партизацијата на се што ни се случува во кутра Македонија.

Да резимираме: следиме во живо на јавна сцена партиски и медиумски пресуди на судирот меѓу Кривичен суд и Јавно обвинителство, на судирот меѓу полиција и Јавно обвинителство, на судирот меѓу Судски совет и претседател на Врховен суд, на судирот меѓу Јавно обвинителство и Специјално обвинителство и на Судски совет, на судирот во самиот Судски совет и во самото Јавно обвинителство, на судирот меѓу редовните судови и Апелациониот суд, на блокади на највисокиот законодавен дом, слушаме и се чудиме на со години некомплетираниот состав на Уставниот суд. И толку. Секое чудо за три дена. И пак по старо си течат работите во земја недојдија.

 

Ова е зло со длабоки корени

Кога ваквите конфликтни ситуации во институциите на правосудниот систем би биле одраз на запазување на професионалните и морални обврски, за да се дели правда по слово на законот, тоа би било доказ на независноста на целата правосудна власт. Но, во нашиот случај уште кога партиите ги направија тефтерчињата на своите судии и кога почнаа нарачките по телефон за висина на пресудите, кога се урна Специјалното јавно обвинителство сосе изречените судски пресуди и со предметите кои се во тек како застарени, и кога се донесоа без блокади во Собранието политички диктираните измени на кривичните закони кои овозможија застарување на кривичните дела од кои се крева косата на глава и кога носителите на криминалот се слободни и се потсмеваат покажувајќи ни го средниот прст и нам и на сите црни, црвени, зелени и жолти листи, тогаш би требало да ни биде барем донекаде појасно зошто ни се случуваат овие катастрофални работи.

Не се во прашање инциденти и дневни скандали, туку е големо зло кое има длабоки повеќегодишни корени во македонското општество. Имавме извонредни насоки како да излеземе од овој ќорсокак на заробен правосуден систем ако некој уште се сеќава на насоките што ни ги даде тимот на Германецот Рајнхард Прибе. Таму меѓу другото стриктно пишува: „Во судската постапка не смее да постои нешто како„политички случај“. Со сите случаи кои се во судска постапка мора да се постапи на ист начин ефикасно, независно и непристрасно. Вработување во судска служба треба да биде единствено согласно правилата за заслуги“.

Способноста и стручноста на луѓето за одредена работа нема никаква врска ни со праведна застапеност, ниту со Бадинтерово мнозинство, што кај нас се ужасна злоупотреба за наезда на партиски неспособни кадри и деградирање на институциите. Сето тоа и уште многу суштински работи од насоките на Прибе отидоа како тоалет хартија, како и многу други неопходни реформи во Македонија кои требаше да одиграат превентивна улога и воспоставување на систем на владеење на правото.

Сега повторно се предлага ветинг (уште еден неразбирлив збор што треба да означи истражување) во комплетното судство. Значи, ќе се отстрануваат корумпирани и партизирани и неспособни судии, обвинители и судска администрација. Ќе удриме силно по последиците наместо по причините. Без ветинг, или поточно прво чистка во партиските врвови, не е можно нормално функционирање ни на владата, ниту на Собранието, нити на правосудниот систем, или било која институција на системот, ниту пак на државата. Многумина ќе речат треба камшик, ама притоа мислат дека ќе удира само по туѓ грб, а не и по нивниот.

Па, тогаш кое е конечното решение? Или класична принудна управа со странски диктат и експертска влада, или почеток на преговори со ЕУ без ден одлагање со меѓупартиски консензус дека реформите од бриселските поглавја ќе бидат единствено мерило за успехот и напредокот на Македонија. Притисокот на Брисел со финансиската и стручна поддршка за остварување на реформите е еден вид позитивен странски диктат. Друго чаре нема.

Примитивизмот, провинцијализмот, незнаењето, заостанатоста, екстремниот патриотизам кој преминува во шовинизам и моќните конзервативни партиски сили со попречување на правдата, прогресот и припадноста на Европа, ја држат во заробеништво Македонија. Тоа е тоа. Лесно се гледа ако човек сака да види и не оќорил при очи.

Ноам Чомски им предлагаше на Американците да одвојат барем пет минути за да размислат пред да гласаат за избор на најмоќниот човек на светот. Колку ли време им треба на граѓаните на Македонија да размислуваат за избор на понудената и заслужена припадност на цивилизираниот свет, или за нејасни алтернативи кои водат до исчезнување?

Фотографиите се од филмот King Lear (Jean-Luc Godard, 1987)