ПОДДРШКА ЗА ИНОВАЦИИТЕ И ИКТ СЕКТОРОТ

Дигиталната трансформација и развојот на ИТ индустријата се клучни за тоа како една земја ќе се адаптира и ќе биде конкурентна во дигиталната ера. Развиена ИТ индустрија може да ја позиционира земјата на глобалната сцена како иновативен и конкурентен играч, а неизбежни се и позитивните ефекти врз привлекувањето на нови инвестиции и унапредување на можностите за бизнис. Поддршката кон дигитализацијата на македонската економија може да придонесе за зголемување на конкурентноста иунапредување на процесот на воведување иновации, како клуч за раст и развој на овие претпријатија.

Ова дотолку повеќе од причини што во современиот свет, моќта на една земја во геополитички контекст е предодредена од степенот на нејзиниот технолошки развој и иновативност. Следејќи ги препораките на Европската Унија опишани во нејзината стратегија Дигитален компас 2030, со оваа Програма ќе го зацртаме патот на македонското општество кон одржлива и просперитетна дигитална иднина, со човекот во нејзиниот центар.

Бизнисите и граѓаните се најважната компонента на дигитализацијата. Затоа, во четирите најважни области спаѓаат едукацијата на населението и дигиталната трансформација на бизнисите. Во рамки на клучните области што ќе ја движат Македонија кон дигиталната иднина се и безбедна, ефективна и одржлива дигитална инфраструктура; како и целосна дигитализација на јавните услуги.

Создавање модерна дигитална економија ќе биде еден од врвните приоритети на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Долгорочно, плански и системски – наместо ad hoc - во соработка со стручната, научната заедница и невладиниот сектор, а посебно со коморите, ќе се работи на креирање и усвојување на модерни политики и стратегии за развој на дигиталната економија, ИКТ секторот, вештачката интелигенција, иновациите и стартап екосистемот.

Технолошките иновации и примената на дисруптивните технологии како што се вештачката интелигенција, cloud, big data, IoT, блокчеин, metaverse, VR/AR, RPA, сензори, роботи, дронови, паметни градови, 5Г, платформска економија се клучни за понатамошната трансформацијата на македонската економија - од трудоинтензивна и индустриска, во економија базирана на знаење.

ИКТ ЕДУКАЦИЈА ЗА ВЕШТИНИ НА ИДНИНАТА

„ТЕХНОЛОШКИ ТАЛЕНТ“ ВО ОСНОВНОТО И ВО СРЕДНОТО ОБРАЗОВАНИЕ

Преку измени во наставните програми во основното и во средното образование кои се однесуваат на новиот дигитален свет - алгоритамско размислување, работа со податоци, дисруптивни технологии, вештачка интелигенција и генеративна вештачка интелигенција, основи на програмирањето, работа со мултимедијални содржини, табели и презентации, онлајн безбедност, како и претприемливост, цели генерации ученици ќе бидат подготвени за работните места на иднината.

ИТ МОДУЛ ЗА СРЕДНОШКОЛЦИ

Ќе дизајнираме модул за обука за средношколци и студенти за стекнување на средно ниво на дигитални вештини. По успешното завршување на модулот, ќе биде генериран сертификат за дигитална писменост. Модулот ќе овозможи секое 18-годишно лице да има барем средно ниво на дигитална писменост.

15 000 ИКТ ОБУКИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ

Со оглед дека главниот извор за квалификувана работна сила е формалното ИКТ образование, неопходно е да се работи на унапредување на квалитетот и квантитетот на „технолошкиот талент“. Затоа планираме:

- Проширување на квотите на ИКТ факултетите, модернизирање на програмите, воведување на мастер програми од доменот на дисруптивните технологии, поддршка за набавка на инфраструктура и развој на компетенции во областите на High-Performance Computing, High-Performance Data Analytics и вештачка интелигенција;

- Систем на ваучерска поддршка за дипломираните студенти да посетуваат сертифицирана ИТ обука на напредно ниво;

- Поддршка на приватниот сектор за напредни ИКТ обуки на работната сила;

- Проширување на обемот на програмите за преквалификација на работна сила во ИКТ работна сила;

- Напредни ИКТ обуки за невработени лица - во соработка со приватни провајдери и државни универзитети, преку ваучерска поддршка, ќе овозможиме напредни ИКТ обуки за невработени лица кои по завршување на обуката ќе имаат обврска да останат и да работат во државата;

- Обуки за сајбер безбедност: во соработка со академската заедница ќе бидат спроведени обуки за безбедност на Интернет, чија цел е зголемување на свеста кај децата и младите, нивните родители и наставници за потенцијалните закани од нарушување на приватноста на Интернет.

РАЗВОЈ И ПРОМОЦИЈА НА ИКТ ИНДУСТРИЈАТА, ИНОВАЦИСКИОТ И СТАРТАП ЕКОСИСТЕМ

МУЛТИФУНКЦИОНАЛЕН ТЕХНОЛОШКО-ИНОВАЦИСКИ ПАРК „СКОПЈЕ СМАРТ“

Ќе разработиме проект за Скопје Смарт. Овој проект ќе има трансформациска вредност за македонската економија, во насока на привлекување на компании со висока технологија, кои ќе отворат високоплатени работни места за младите луѓе со ИКТ, машински, електро и други слични квалификации, како и економисти и финансиски експерти за финтек-компаниите. Истовремено, ќе се обезбеди студирање на високо рангиран меѓународен универзитет во наведените технички и бизнис-области, како и во областа на креативните уметности.

Ќе создадеме просторни и логистички услови, привлекување на инвеститори со стимулативни мерки за изградба на најсовремен технолошки парк, кој ќе вклучи:

- Деловен простор, како што се канцеларии за компании во избрани сектори за висока технологија и медиуми, вклучително истражување и развој на технологии (центри за податоци (датацентри), интернет на нештата (IoT), роботика, сајбер–безбедност);

- Образовен центар кој вклучува меѓународен кампус на некои од најдобрите глобални универзитети на технолошки студии и меѓународна и деловна економија;

- Град на културата - што вклучува изградба, организирање и управување со филмски и музички студија, како и училишта за креативни уметности;

- Мултифункционален туристичко-хотелиерски комплекс - со светски познати хотели и конференциски центар што ќе помогне во функционалноста на технолошкиотпарк, како и во развојот на конференциски туризам, рекреација и други деловни патувања во земјата.

Скопје Смарт ќе овозможи пренос на знаење на македонските граѓани, студентите и вработените, привлекувајќи во исто време човечки ресурси способни дополнително да ги зголемат придобивките и влијанието кон економијата на земјата.

Директните придобивки од Скопје Смарт се во зголемување на БДП и вработеноста на македонските професионалци, намалување на иселувањето на стручните лица и младата високообразована популација, воведување и развој на нови технологии кои ќе ја зголемат конкурентноста на македонската економија, зголемување на извозот на технолошки услуги што доведува до намалување на трговскиот дефицит и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

ИНТЕРНАЦИОНАЛИЗАЦИЈАТА НА ДОМАШНИ ИКТ КОМПАНИИ И ПОДДРШКА НА ИЗВОЗОТ НА ИТ ПРОИЗВОДИ И УСЛУГИ

Ќе обезбедиме дополнителна поддршка на интернационализацијата на домашните ИКТ компании, како и поддршка на извозно ориентираните софтверски компании. Ќе вложуваме во поголема конкурентност на македонските производи и услуги на светските пазари, преку дополнителните регулаторни и даночни олеснувања, субвенционирање на обуки и едукација од областа на дисруптивните технологии.

ПРИВЛЕКУВАЊЕ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ ВО ИКТ РАЗВОЈ И ИСТРАЖУВАЊА

Ќе овозможиме отворање на центри на глобалните технолошки компании во земјата, а тоа ќе помогне за унапредување на вештините на домашниот технолошки талент, развојот на иновациите и конкурентноста, креирањето на долгорочни партнерства и позиционирањето на земјата на глобалната технолошка мапа.

ФИНАНСИРАЊЕ НА РАЗВОЈ И ИСТРАЖУВАЊА ВО МАКЕДОНИЈА

Преку дополнително финансирање на апликативната наука и развојот и истражувањата, ќе овозможиме поддршка за отворање на институти од доменот на дисруптивните технологии, поддршка на Фондот за иновации за креирање на модерни инструменти и воведување на строги правила за финансирање само на иновативни и високотехнолошки компании. Ќе поддржиме отворање на технолошки паркови и програми за инкубација и акселерација, обезбедување на дополнителни даночни олеснувања заради привлекување на ангели инвеститори и VC фондови. На тој начин, ќе се креира поволно опкружување за развој на македонските иновации и создавање на интелектуална сопственост.

МАКЕДОНИЈА: АУТСОРСИНГ ДЕСТИНАЦИЈА НА МЕЃУНАРОДНИТЕ ИТ КОМПАНИИ

Планираме пакет на даночни поволности за преселување на ИТ компании во Македонија. На овој начин ќе отвориме бројни високоплатени работни места, ќе го подобриме стандардот на граѓаните, а ќе се овозможи и трансфер на технологии и знаење. Дополнително, планираме стипендирање на студенти во овие индустрии, за истите да останат во Македонија.

ПАКЕТ ЗА ФРИЛЕНСЕРИ

Визијата на ВМРО-ДПМНЕ е што повеќе македонски граѓани ангажирани на меѓународни проекти, да живеат дома и да работат од Македонија. Затоа, ќе предвидиме законски можности за препознавање на категоријата „фриленсер“, како лица што работат на далечина на проекти преку дигитални платформи, по примерот на европски држави предводници во оваа област. Нашата цел е да се мотивира оваа група високоплатени лица своите финансии да ги добива во државата, но и да се избегнат потенцијалните злоупотреби.

Ќе овозможиме даночен пакет за овие лица со даночни ослободувања во зависност од висината на нивните месечни примања. Во рамки на овој пакет, предвидуваме зголемување на границата за ДДВ обврзник (физичко лице) од два на три милиони денари. Преку промени во трудовото законодавство, ќе ги олесниме процедурите за пријавување на нивната работа, а ќе ги поддржиме и проектите за отворање на фриленсерски (freelance) хабови во сите градови во Македонија.

Активно ќе работиме да овозможиме глобалните платежни процесори да бидат достапни во Македонија.

ВИЗА ЗА ДИГИТАЛНИ НОМАДИ

Предвидуваме воведување на обновлива виза за престој на дигитални номади, односно за странци кои би сакале да поминат помеѓу 3 и 12 месеци живеејќи во Македонија, под услов да имаат обезбедена работа на далечина кај работодавец од странство и редовни месечни примања. Со оваа мерка, ќе се привлечат млади вработени професионалци да ја одберат Македонија како свој дом на одредено време, со што ќе се помогне локалната економија и ќе се подигне видливоста на државата на меѓународно ниво.

Владата ќе изработи промотивен веб-портал со кој ќе се промовираат можностите за престој во Македонија и сите потребни информации за дигиталните номади.

GOVTECH ПРОГРАМИ

Ќе поддржиме соработка на јавните институции со стартапи и иновативни компании за решавање на проблеми на граѓаните на централно и локално ниво и севкупниот развој на екосистемот: онлајн содржини и мобилни апликации, хакатони, поддршка за учество на меѓународни натпревари, олимпијади и специјализирани обуки на талентирани ученици и студенти, дигитални содржини за деца или млади, апликации што користат отворени податоци.

ПРЕПОЗНАВАЊЕ И ПОДДРШКА НА ФИНАНСИСКО-ТЕХНОЛОШКИОТ СЕКТОР (FINTECH)

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе даде силна институционална и законска поддршка на иницијативи за поголема и полесна имплементација на новите технологии во финансиската сфера - финтек (FinTech). Оваа област ја опфаќа примената на алгоритмиза вештачка интелигенција и машинско учење, технологии засновани на облак, блокчеин или технологија на дистрибуирана книга на записи, паметни телефони.

На пазарот на капитал, финансиска иновација е платформа за инвестирање (crowdfunding platform) каде инвеститорите можат да тргуваат со акциите од стартапи со користење на блокчеин технологија. Идната Влада на ВМРО–ДПМНЕ ќе работи на овозможување на целосна функционалност на платформите за електронски трансфер на средства преку Интернет што ќе вклучува испраќање и примање средства.

МОЖНОСТИ ЗА ТРГОВИЈА СО КРИПТО-СРЕДСТВА

Најнапредните земји како Германија, Швајцарија и САД, воведоа можност граѓаните да можат да купуваат, да држат и да продаваат крипто-средства преку банкарските сметки, наместо исклучиво преку финтек-апликации. Ќе пристапиме кон дефинирање на крипто-валутите (крипто-средствата), како специфичен вид нематеријално средство засновано на дигитални технологии.

Предвидуваме можности банките во Македонија да можат да продаваат и да чуваат крипто-средства на приватни правни и физички лица и на институционални инвеститори, со цел физичките и правните лица да можат да купат биткоини, етереуми и други крипто-валути во банка.

Идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ предвидува и директни погодности за инвеститорите, како што е: 0 % данок на додадена вредност (ДДВ) за тргување со крипто-средства, и ослободување од данок на капитална добивка за инвеститорите до 2026 година.

МАКЕДОНСКАТА ИТ ИНДУСТРИЈА – РЕГИОНАЛЕН БРЕНД

Системски ќе работиме на промоција на македонската ИТ индустрија. Ќе овозможиме видливо промовирање на ИТ индустријата во земјата и во меѓународни рамки од страна на Владата, преку обезбедување на студии, истражувања и лесно достапни информации, преку поддршка на учеството на ИТ компаниите на глобалните технолошки настани, преку потпишување на меморандуми за размена на искуства и соработка со други земји и меѓународни организации, промовирање на успешни приказни и сл.

РЕВИЗИЈА НА РАБОТЕЊЕТО НА ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ

Фондот за иновации и технолошки развој не смее да биде алатка за партиско финансирање. Ќе бидат откриени и санкционирани сите досегашни злоупотреби. По сеопфатната ревизија на досегашното работење, значаен фокус на Фондот ќе биде ставен на програми за поддршка на ИКТ секторот, технолошкиот развој на домашните компании и иновациите. Улогата на Фондот мора да биде обезбедување на финансиски средства и можности за вистински македонски старт ап компании за иновации во работењето, употреба на блокчеин (block chain) технологии и меѓународен пласман на продукти.

ДИГИТАЛНА ТРАНСФОРМАЦИЈА НА БИЗНИС СЕКТОРОТ

Дигиталната трансформација на македонските традиционални бизниси ќе значи гаранција за нивниот опстанок и напредок. Од тие причини, неопходно ќе биде да се обезбеди сериозна институционална и финансиска поддршка за: промовирање на придобивките од дигиталната трансформација; креирање на стратегии за дигитална трансформација; набавка на решенија и нивна технолошка интеграција; користење на зелени технологии и „ecofriendly“ практики; развој на вештини кај вработените за примена на новите технологии (вештачката интелигенција, cloud, big data, IoT, блокчеин, metaverse, VR/AR, RPA, сензори, роботи, дронови, паметни градови, 5Г, платформска економија), работа со податоци, бизнис-анализи и предвидувања, агилни методологии, електронска трговија; и промовирање на отворени иновации, односно соработка со стартапи, иновативни компании и институти.

Само на тој начин, македонските традиционални компании ќе можат да одговорат на сè поголемите очекувања на корисниците, да ја задржат и/или да ја унапредат својата позиција на пазарот, да ја зголемат својата иновативност, ефикасност и конкурентност, т.е. да преживеат во новото дигитално време.

ДИГИТАЛЕН ИНОВАЦИСКИ ЦЕНТАР

Во соработка со високообразовните институции и приватниот сектор, ќе се формира Дигитален иновациски центар (ДИЦ) кој на едно место ќе обезбеди поддршка за фирмите преку креирање на пакет на основни дигитални услуги и алатки за компаниите (дигитални сертификати и токени, cloud сервиси, e-продавници итн.) во соработка со домашни ИТ компании и млади ИТ инженери.

Преку ДИЦ ќе се спроведува и програма за кофинансирање на обуки за стекнување на дигитални вештини, подигање на свеста за напредните технологии (блокчеин технологијата или технологијата на дистрибуирана книга на записи (Distributed Ledger Technology – DLT), совети за финансирање на дигиталната транзиција и промоција на примената на новите технологии.


Администратор
20/04/2024 15:38