Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ разговараат за ново проширување

Проширувањето на ЕУ, на маса денеска и утре во Брисел.

На неформален состанок на Советот за општи работи - ГАК, министрите за надворешни работи на земјите чкленки на ЕУ ќе ги отворат прашањата за ново проширување на ЕУ, за зајакнување на Унијата, владеењето на правото, но и големото проширување од 2004та година, кое се случи на 1 мај пред 20 години, кога Европската Унија прими десет нови членки.

Шефицата на германската дипломатија преку отворено писмо на официјалната веб страна на германското МНР, повика на храброст, реформи и брз прием на земјите кандидати од Западен Балкан.

- Политичките и географските ’сиви зони’ на Балканот или на истокот на ЕУ се исклучително опасни. Исто како и пред 20 години, денес повторно милиони Европејци гледаат можност и ветување да станат граѓани на ЕУ. И не можеме да си дозволиме уште еднаш да натераме цела генерација да седи во чекалната на ЕУ, како во земјите од Западен Балкан. Не смееме да ја пропуштиме можноста да ја направиме нашата Унија поголема и посилна, а со тоа и посигурна. Нашата Унија е отворена за нови членови. - изјави Аналена Бербок МНР Германија.

А за проширувањето и неговото влијание врз идните приходи од европскиот буџет, денеска од Брисел порака испрати и хрватскиот премиер Пленковиќ.

Постојат две групи на земји. Едната е експанзијата кон Западен Балкан, кој поради својата големина и релативно малата популација не може да ги загрози постоечките односи меѓу нето-примателите и нето-придонесувачите во европскиот буџет. Единствената земја чие евентуално членство во голема мера ќе влијае на буџетот на ЕУ е Украина, но тоа ќе се реши на поинаков, поцелосен начин. - изјави Пленковиќ.

Македонскиот амбасадор во Брисел денеска и утре ќе ја изложи позицијата на Македонија во рамки на дебатата 2004та, големото проширување. Шефот на дипломатијата денеска порача дека му дал инструкции на амбасадорот и дека позицијата е јасна, Македонија мора да го искористи моментот.