Рубрика: Астрономија и астронаутика
Пронајдени најблиските црни дупки до Земјата?!
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 13.09.2023 - 12:45

Ѕвезденото јато Хијади

Во трудот објавен во списанието Monthly Notices of the Royal Astronomical Society, тим астрономи навести за можно присуство на црни дупки во нашето соседство. Објектите се веројатно сместени во ѕвезденото јато Хијади (Hyades). Доколку нивното постоење биде потврдено, тие би биле најблиските црни дупки до Земјата – оддалечени само 150 светлосни години.

Имено, ѕвезденото јато Хијади е најблиското „отворено јато“ до Земјата. Овие јата претставуваат лабаво врзана група од десетици до неколку стотини ѕвезди. Распослани во "ширина" од околу 20 светлосни години, Хијадите бројат неколку стотини ѕвезди и се проценува дека се стари околу 650 милиони години. Инаку, јатото е именувано по петте ќерки на Атлас и полусестри на Плејадите, од грчката митологија. Тие се едно од најпроучуваните ѕвездени јата.

Отвореното ѕвездено јато Хијади, сместено во соѕвездието Бик, може да се забележи и со голо око фото: Википедија

За да го следат движењето и еволуцијата на сите ѕвезди во јатото, астрофизичарите се послужиле со компјутерски симулации. Крајна цел била да се репродуцира моменталната состојба во кластерот. Таа потоа била споредена со реалните позиции и траектории на ѕвездите во Хијадите, добиени благодарение на високопрецизните податоци од сателитот Гаја на Европската вселенска агенција. 

Интересно е што резултатите од симулациите најмногу се совпаѓале со познатата локација и брзините на ѕвездите во јатото кога Хијадите биле претставени како дом на 2 или 3 помали црни дупки. Добри резултати се добиле и при други симулации во кои сите црни дупки од јатото биле исфрлени пред помалку од 150 милиони години. Ваквите резултатите укажуваат дека внатре во кластерот, или многу блиску до него, сѐ уште се присутни црни дупки. Ова ги Хијадите локација со најблиска црна дупка до Земјата, околу 10 пати поблиска од претходниот кандидат за оваа титула, црната дупка Гаја BH1 (Gaia BH1), оддалечена од нас околу 1500 светлосни години.

Но, БЕЗ ПАНИКА (како што е нагласено на корицата од Автостоперскиот водич низ галаксијата laugh ), на ова растојание, црните дупки не претставуваат непосредна закана за нас на Земјата.

Ѕвезденото јато Хијади Фото: APOD/Jose Mtanous

Оваа опсервација нѝ помага да разбереме како присуството на црните дупки влијае врз еволуцијата на ѕвездените јата и како, од друга страна, ѕвездените јата придонесуваат кон изворите на гравитациски бранови“, вели коавторот на трудот Марк Гилес од Универзитетот во Барселона, Шпанија. „Овие резултати даваат и увид во тоа како овие мистериозни објекти се распоредени низ галаксијата“.

Навестувањето за најблиско лоцираните црни дупки до Земјата следи по јулското откритие на досега најдалечната забележана супермасивна црна дупка , оддалечена околу 13,2 милијарди светлосни години, откритие направено со помош на вселенскиот телескоп Џејмс Веб.

Клучни зборови:
Ѕвезденото јато Хијади

Ѕвезденото јато Хијади Фото: APOD/Jose Mtanous

Ѕвезденото јато Хијади

Отвореното ѕвездено јато Хијади, сместено во соѕвездието Бик, може да се забележи и со голо око фото: Википедија