Андоновска во СТУДИО 10: Мора да ја сопреме белата чума и имаме решение за тоа

Точно е дека нам на помалите партии ни беше одземено време и можности. Не е во ред што изборите се одржуваат за првпат во време на велигденските празници и среде распуст. Се чини дека ние одиме кон едноумие, кон еднопартиски систем, а тоа не е добро во 21 век. Знаеме дека апсолутната власт апсолутно корумпира, вели д-р Добрила Андоновска, носител на листа во ИЕ 1 од Коалиција „Храбро за Македонија“ во СТУДИО 10 на ТВ 24.

- Кога ќе видите кои се носители на ИЕ 1, тоа се само лидери на партиите, предизвик ми беше да бидам носител на листа токму тука. На луѓето им е преку нос да ги гледаат лидерите на партиите во ИЕ 1. Секој од нив потекнува од некаде и може таму да бара гласови, а вака излезе дека ИЕ 1 е лидерска битка. Вака излегува дека ние од помалите партии не сме стостојни да им парираме, вели Андоновска.

Андоновска вели дека имаме црна кампања, а дека таа самата добила закани и навреди и тоа го толкува како нешто што често им се случува на кандидатките. Нивната коалиција нема намера да води црна кампања и ќе продолжи како и досега.

- Ние сме демографски стара држава. Ние како партија имаме најдобра понуда за пензионерите. Нашиот предлог е да се воведе термин пензионерско семејство што ќе подразбира тоа семејство да има приход од минимум 25.000 денари преку социјалните пакети, а пензијата да расте согласно законите. До моментот кога ќе достигне до 25.000 денари остатокот ќе се покрива со социјални мерки, вели Андоновска и додава дека пензионерите не само што се грижат за себе тие мораат да ги помагаат останатите во семејството оти младите се невработени.

Таа вели дека треба да се врати довербата меѓу здравството и пациентите. Медицинскиот факултет вади добри кадри но државата не може да ги задржи. Во моменов има 35 невработени специјалисти меѓу кои и еден педијатар, што е кадар што недостасува, па оттука, вели Андоновска, мора да им се помогне на овие луѓе.

- Срамно е за една држава да нема Клинички центар. А што станува збор за другите болници? Ние имаме само еден центар за палијативна грижа, а ни треба многу повеќе. Ние младите ги праќаме во странство да се лекуваат наместо дома, додава Андоновска.