За три и пол месеци реализацијата на капитални проекти е само 16,6 проценти

ЈП „Улици и патишта“

За да се реализираат проектите, потребно е да се обезбеди проект и цела соодветна документација. Но, администрацијата беше и остана неспособна да го спроведе процесот, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини

За три и пол месеци се потрошени 122,3 милиони евра за капитални проекти – патишта, водоводи, канализации, училишта, но и за сè она што оди во оваа ставка, а за кое многу експерти сметаат дека не му е место. Овој износ е 16,6 проценти во однос на вкупниот буџет за капитални проекти за 2024 година, покажуваат податоците на Министерството за финансии заклучно со 16 април. Бројките, сами по себе, покажуваат дека капиталните трошења одат со забавена динамика. Сепак, познавачите на буџетските плаќања велат дека не треба да се заборави и дека главните плаќања се на крајот на годината.

Во државната каса за оваа година се планирани 733 милиони евра за капитални инвестиции, или 13 проценти од Буџетот. Уште при обелоденување на овој буџет, стигнаа многу критики дека ова е нереална прогноза, особено затоа што годинава ги имаме и претседателските и парламентарните избори, што по автоматизам ги забавува државните инвестиции. Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, од денот на донесувањето на одлуката за распишување избори до изборот на претседателот и пратениците „не може да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал, на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно станува збор за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година“.

Високиот износ на капитални расходи при носењето на Буџетот, министерот за финансии Фатмир Бесими го правдаше токму со реализација на проекти кои се во тек.

– Планираните 733 милиони евра за капитални инвестиции во 2024 година се проекции за проекти што се во тек, за нивна реализација што доспева во 2024 година според првичните планирања на ресорните министерства. Нивното финансирање, дел е од буџетот, дел е од меѓународните финансиски институции – изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини за „Слободен печат“ изјави дека главен проблем за нереализација на капиталните проекти е неспособноста на администрацијата во соодветните државни органи.

– Изборите и не се некаков посебна пречка за нереализација на капитални проекти. И во неизборни години, имаме слаба реализација на капиталните расходи. Тоа е хронична болка. Исто така, ако во детали се разгледа што сè се смета за капитални расходи, ќе се најдат и многу работи што не се инфраструктурни, или други важни капитални проекти. За да се реализира одреден капитален проект треба да се исполнат одредени услови. Парите не се пренесуваат тукутака. Носители на проекти се одредени министерства, најмногу Министерството за транспорт и врски за инфраструктурните проекти. За да се реализираат проектите, потребно е да се обезбеди проект и цела соодветна документација. Но, администрацијата беше и остана неспособна за да биде сервис не само на домашните туку и на странските инвестиции во капитални проекти. Индикатор за ова е фактот што и покрај обезбедени пари, нема реализација на проекти. Затоа, обично во септември имаме ребаланс на буџетот и парите од капитални проекти се пренаменуваат за други ставки – вели Хајредини.

Универзитетскиот професор Марјан Бојаџиев во разговор за утринската програма на „Слободен печат“ кажа дека државата досега се покажала како лош инвеститор.

– Минатата година во Македонија се изградени фотоволтаици и ветерници со капацитет од 180 мегавати, или како една третина од Битола, а од тоа државна интервенција е нула, што значи дека се изградени од приватен сектор. Но, таму каде што државата требало да гради, состојбата не е таква. Еве, на пример, 7-те километри кон Косово, иако таму правиме извоз, никако да се изградат – вели професорот.

Во предизборниот период едно од главните изборни ветувања на партиите се токму капиталните проекти – што тие би направиле во својот мандат. Се лицитираат бројки во милијарди и вообичаено едните ги обвинуваат другите што не направиле од ветеното во времето на своето владеење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот