Судир на премиерот Џафери и градоначалничката Арсовска за неискосената трева околу зградата на владата

Џафери и Арсовска во клинч за тревата која ја опкружува Владата. Техничкиот премиер, Талат Џафери за неискосената трева во дворот на Владата вината ја префрли кон градоначалничката Данела Арсовска. Џафери рече и дека незадоволството на граѓаните го покажале и резултатите на парламентарните избори. 

Арсовска му врати на Џафери дека ако до сега не знае дека сам треба да си го уреди сопствениот двор, таа лекција ни денес нема да ја научи сигурно. Арсовска рече и дека Џафери избегнува одговорност и манипулира со некакви процедури кои му се само нему познати „лажејќи дека сопственост и надлежност на Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ било да се грижи за зеленилото во Владата“. 

„Талат Џафери ако до сега не знае дека сам треба да си го уреди сопствениот двор, таа лекција ни денес нема да ја научи сигурно. Од ВД премиерот од Форино, што кога излегува од дома до Влада ги гаси попатно сите семафори и прави хаос низ градот, не е ни очекувано дека би требало да знае што е негова обврска, тој само знае какви бенефиции може да искористува. ЈП “Паркови и зеленило” ги одржува градските булевари и паркови површини кои се надлежност на претпријатието согласно Закон, а ако сака ВД премиерот Талат од Форино да ги ангажира да работат во Влада за истото треба да си склучи Договор, исто како и секоја друга институција во Македонија.“ - вели Арсовска во соопштението со медиумите. 

Дворот на Владата и нејзиното поблиско опкружување подолг период е обраснат со трева, на социјалните мрежи граѓаните се пошегуваа на сметка на техничкиот премиер Талат Џафери за што велат дека тоа е дел од зелената агенда на ДУИ.