Сите сме запознаени со фактот дека кариесот и ден-денес е најраспространето заболување на човекот. Во развиените земји, во текот на 80-тите години на минатиот век се бележи значително намалување на преваленцата на кариес на трајните заби поради масовната примена на забни пасти со флуориди. Наспроти тоа, здравјето на млечната дентиција во последните децении во развиените земји сѐ повеќе се нарушува.

Спротивно на широко застапените ставови дека млечните заби не се важни и не би требало да им се обрнува многу внимание, здравјето на овие заби е темел на идното орално здравје на индивидуата. Кариесот во раното детство може значајно да го загрози општото здравје и квалитетот на животот. Покрај тоа што кариесот предизвикува болка и инфекции, влијае и врз квалитетот на исхраната, општиот развој, развојот на вилиците и забите, развојот на говор и самодовербата. Кога станува збор за нашите простори, кариесот на рано детство е сериозен јавно-здравствен проблем, за кој од неодамна почна поинтензивно да се зборува.

Најважен причинител, без кој нема кариес, па и кариес на рано детство се слободните шеќери. Тоа се шеќерите кои се додаваат во храната од самиот произведувач, во текот на готвењето од нас како комсументи, како и шеќерите природно присутни во медот, сирупите, овошните сокови. Сложените шеќери кои се наоѓаат во овошјето и зеленчукот не се растворат брзо во усната празнина и со тоа имаат низок кариоген потенцијал. Загрижувачки е податокот дека веќе во првата година 50% од бебињата добиваат слатки, а во втората година оваа бројка се искачува и на 80%. Одредени бактериски видови ги метаболизираат шеќерите и како нуспродукт од тоа се зголемуваат киселините. Киселата средина ги уништува и другите корисни и неутрални соеви и го деминерализира забниот емајл, започнувајќи кариозен процес. Секако, присуството на шеќери во исхраната не е единствен фактор што влијае врз развојот на кариес. Тука се и бактериите од околината на детето, попрецизно кариогените бактерии чиј главен извор се родителите, врсниците и другите кои се во околина на детето. Дали ќе дојде до деминерализација на емајлот одлучуваат и факторите на домаќинот (предиспонирачки фактори). Тоа се одбранбените способности на усната празнина, плунката и минерализацијата на емајлот.  Во текот на првите две години имунолошкиот систем, особено во плунката, не е целосно формиран, па имаме намалено лачење на плунка и токму затоа ноќното присуство на слободни шеќери (користење шишенца со благи напитоци, немиење на забите пред спиење) во тој период е најштетно.

Стефанија Танева

Превенција

Превенцијата на кариес во рано детство би се однесувала на намалување на внесот на шеќери преку исхраната и истиот би требало да биде помалку од 5% од вкупниот енергетски внес. Поради тоа што не е возможно точно да се контролира внесот на слободните шеќери, од исклучителна важност е и правилното одржување на оралната хигиена.  Со чистење на забите кај бебето треба да се започне по никнување на првото запче, најмалку два пати дневно, задолжително пред спиење. Малите деца до 6 години немаат добра контрола на голтањето и поради тоа детските забни пасти имаат помали концентрации на флуориди (500-700 ppmF).  Кај децата кои имаат поголем ризик од развој на кариес се препорачуваат и пасти со поголеми концентрации на флуориди (1000 ppmF), но со намалена количина која се нанесува на четката. За децата до 2 години на четката се става само еден размаз од пастата, а кај децата од 2 до 6 години препорачаната количина на паста е колку зрно грашок. Кај овие деца исто така се препорачува додатна професионална заштита со флуор лакови.

За превенцијата од кариес во раното детство се важни:

  1. Превентивните стоматолошки прегледи на трудницата
  2. Задолжителен прв стоматолошки преглед по никнување на првите запчиња, а најдоцна до крајот на првата година
  3. Пружање професионална дополнителна заштита кај децата со поголем ризик од кариес. Тука се подразбира ординирањето на флуор-лакови и професионално отстранување на меки наслаги. Неопходни се почести контроли, на 3 до 4 месеци.

Клиничка слика и лекување

Првите знаци на кариес се бели дамки, но порозниот емајл може да поприми пигменти и да добие и жолта боја. Напредувањето на ваквите лезии во кавитет може да биде многу брзо (за неколку недели). Доколку ништо не се преземе, инфекцијата се шири, ја зафаќа пулпата и пародонциумот. Деструираните млечни заби кои не може да се реставрираат или излечат, бараат неодложна екстракција без разлика на возраста на детето. Тие заби го загрозуваат општото здравје на детето и развојот на трајните заби.

Заклучок

Потребно е превенцијата да ја ставиме на прво место, а првиот преглед на детето да биде во опуштена атмосфера, без притоа да е присутна болка и акутен проблем. На тој начин ќе воспоставиме пријателски однос и комуникација и ќе се здобиеме со обострана доверба, па понатамошните контроли и евентуални санации ќе се одвиваат со полесен тек.

Пишува: Стефанија Танева, стоматолог



912

X