Три години војна во Украина

Објавено во: Колумни 24 Февруари, 2025 08:56
На денешен ден во 2022 година руските трупи влегоа во Украина. Војната трае три години. Стотици илјади жртви на обете страни. Украина е во урнатини. И Русија и Украина економски изнемоштуваат. И токму по три години војна се јави зрак на надеж за нејзин крај. Доаѓа од Америка. Американскиот претседател, Доналд Трамп, уште во предизборието зборуваше дека сака да стави крај на војните во Украина и во Газа. Израел и Хамас потпишаа примирје. Сега Трамп има можност да го повтори тоа и со конфликтот во Украина.
Многумина, јавни и приватно ме прашувале, кога ќе заврши војната во Америка? Мојот одговор секогаш беше „кога ќе решат Американците“. Ова од едноставна причина што војната ја „замешаа“ токму тие. А последиците ги трпат не само Украина и Русија, туку и цела Европа, а може да се каже и НАТО. Европа денес е во криза како никогаш досега. Доаѓањето на Трамп, само ја потенцира таа криза. Лидерот на ЦДУ-ЦСУ, Фридрих Мерц, во првата изјава по вчерашните избори изјави:„ За мене апсолутен приоритет ќе биде зацврстувањето на Европа, чекор по чекор, за да достигнеме независност од САД“. Веројатно тој ќе се обиде да биде „обединител на земјите“, а можеби и нов европски лидер. Ако не му става сопки францускиот претседател, Емануел Макрон.
А се’ почна во 2014 година, со т.н. украински Мајдан, протестите на незадоволство. Викторија Њуланд, тогаш помошник на државниот секретар на САД, задолжена за Европа и Евроазија, кога стана збор за нов премиер на Украина, по договорот со претседателот Виктор Јанукович, за прекин на протестите, таа во телефонски разговор со амбасадорот на САД, Џефри Пајет, му рече „кој ја е*е Европа“. Таа е залагаше за вовлекување на ОН, наместо ЕУ во политичкото решение на кризата. Нејзината изјава наиден на револт во Европа, но брзо се заборави. Останува горчливиот впечаток дека САД кон Европа имаат потценувачки однос. Што може да се види и денес.
ПРОПУШТЕНА ШАНСА ЗА МИР
Протестите на Мајдан завршија, Јанукович го напушти Киев, и покрај договорот, чии гаранти беа Франција, Германија и Полска, за нови избори. Новата власт ги донесе дискриминаторските закони за рускиот јазик, па почнаа немири ширум Украина. На истокот на земјата почнаа и вооружени отпори. Во Одеса живи беа запалени четириесетина противници на таквите законски промени. Русија со „зелените човечиња“ мирно го зеде Крим, каде што беше распишан референдум на кој мнозинството граѓани беа за присоединување кон Русија. Кон бунтовниците на истокот се приклучија и руски војници - доброволци, по што дојде до постигнување на Минските договори. Тие беа првата пропуштена шанса да не дојде до сегашната војна, а Украина да го задржи територијалната целосност и суверенитетот, но без Крим.
Новиот претседател Петар Порошенко гледајќи опасност од ширење на бунтот во Донбас побара мировен договор. Се преговараше во Минск, па беше донесен првиот Мински договор. Но тој не профункционира, па со гаранција на Германија и Франција се донесе вториот Мински договор. За жал, ни тој не донесе ништо, освен борби во Донбас, но и преобразба на украинската армија во военоспособна, со поддршка од Западот во обука и оружје и изградба на одбранбени линии, кои ќе бидат добредојдени подоцна. Минските договори беа саботирани од Украина и од гарантите. Франсоа Оланд, Ангела Меркел и Петар Порошенко, јавно кажаа дека тоа се правело заради воено зајакнување на Украина. Веројатно со цел, обновената војска да ги нападне бунтовниците на истокот. Тогаш и Хрватска се понуди на Украинците да им ги пренесе своите воени искуства од операцијата „Бура“ од август 1995 година.
Во средината на декември 2021 година Русија упати писмо до САД и НАТО со десетина прашања, главно посветени на гаранции за нејзината безбедност и неширење на НАТО на исток. Тие денови Владимир Путин одржа прес конференција на која спомена дека има можност украинските модернизирани сили да почнат војна со бунтовниците на Донбас, што нема да биде дозволено. Патем, руски контингент од околу 100 илјади војска по воените вежби пролетта таа година, остана на границите на Украина. Што само по себе зборуваше дека е можен руски напад на Украина, кака одговор на евентуална украинска офанзива на Донбас. Но и нешто повеќе, руска инвазија на Украина.
МЕЃУНАРОДНО ПРАВО
Одговорот на НАТО и САД на руските барања беше негативен, но и со понуда за преговори. Путин, подучен од односот на Германија, Франција и Украина кон Минските договори и неколку годишните напразни напори за нивно спроведување, а сомневајќи се во подготовки на украинска офанзива на Донбас, не се согласи за преговори. Реално, руските прашања беа „ултиматум“ до Западот. Русите во меѓувреме најавија воено-технички мерки, доколку Западот не ги почитува нивните барања и не одговори конкретно на нив. А Западот веќе со месеци се подготвуваше за војна. Лани тоа го кажа и Ентони Блинкен во едно свое интервју. И така беше пропуштена новата шанса за да нема војна во Украина.
Па, на 24 февруари 2022 година Русија навлезе во Украина, под изговор на борба со нацизмот и заштита на Русите во Украина, со надеж дека брзо ќе го скрши отпорот на Украинците. Но, се покажа дека Западот добро ги подготвил украинските војници. И ги опремил. Токму Донлад Тамп во својот прв мандат испорача современо оружје за Украина. Меѓународното право беше нарушено, иако Русите се повикуваат на делови од Повелбата на ОН со кои сакаат да ја оправдаат интервенцијата. Но, голема поткрепа во одлуката Русите нашле и во некои војни и воени активности на Западот, без одобрување на ОН, каде што исто така се нарушувало меѓународното право. На пример, бомбардирањето на СР Југославија. Во март истата година почнаа преговори за прекин на војната. Првин во Минск, па потоа во Истанбул. Тогаш беше пропуштена третата шанса за мир. Русите и Украинците парафираа документ, кој требаше да биде основа за мировни преговори. Но, британскиот премиер Борис Џонсон ги убеди Украинците да војуваат, ветувајќи им максимална поддршка. Војната трае до денес.
Е, сега ја имаме „Нова Америка“. Нов „шериф“ во градот. Кој експресно се зафати со војните. Веќе ја спомнав војната во Газа и мировниот договор. Доналд Трамп е решен да стави крај и на војната во Украина. На свој начин. За почеток под притисок е Украина. А најмногу нејзиниот претседател, Владимир Зеленски. Тој во 2019 година, од мал комедијант, стана апсолутен победник на изборите, добивајќи над 70 проценти од гласовите на избирачите. Главно мото му беше „ќе донесам мир“. Најголем број гласови доби на истокот од Украина каде што живеат Руси и рускојазично население. За жал денес тој дел е најразурнатиот и најопустошен. Од ветениот мир нема ништо.
Зеленски досега успеваше со својот актерски талент да провлече големо сожалување и внимание и да собира аплаузи кај соговорниците и во светот. Некои на почетокот на војната го нарекуваа и „нов Черчил“. Но од тоа сега не остана многу. Неговата кариера и раст како водач, беа успешни и благодарејќи на големата воена и финансиска помош од странство. Се спомнуваат стотици милијарди долари. Еден циничен коментар од САД беше дека, „ако не беа нашите милијарди долари и нашето оружје, тој досега ќе беше убиен“.
ШТО Е ПРАВЕДЕН МИР?
Но Зеленски се’ уште е жив и жилав. Тој им пркоси на намерите на Трамп за ставањето на Украина во колонијална или вазалска положба во наредните десетици години. Прашање е до кога ќе издржи, затоа што притисокот од Вашингтон се зголемува. А Зеленски јавно се противи, иако бара само едно. Да замине во Вашингтон кај Трамп и таму да го потпише договорот, па дури и во американска верзија, само да биде таму пред Путин. Тој смета дека со сила на неговата моќ на убедување, ќе го натера Трамп да го промени сегашниот однос кон Украина и да се заложи за праведен мир. А што е праведен мир? Особено после стотици илјади жртви на обете страни. Пред многу години читав текст од еден аргентински новинар. Неговиот став за преговорите меѓу „помалиот“ и „поголемиот“ или „посилниот“ и „послабиот“, беше дека „помалиот“ треба да се труди во преговорите што побрзо да се донесе некое решение. Зашто, секое одлагање, во крајна линија ќе донесе полошо решение за него. И колку подолго се одлага решението, тоа ќе биде толку полошо за помалиот.
А дека решението за Украина нема да биде праведно веќе е јасно како ден. Ако ги следите изјавите на некои западни лидери, на пример Кир Стармер, премиерот на Британија, веќе не се зборува за територијална целосност на Украина. Тие се задоволуваат со „зачувување на суверенитетот на Украина“. А на која територија, тоа не е важно. Па дури и Зеленски во некои изјави се помирува со губењето територии. Надевајќи се дека во некоја далечна иднина ќе ги врати по дипломатски пат! Човек да не му е во кожата. Еве, вчера и полскиот претседател Јиржи Дуда, од Вашингтон, му препорача да биде кооперативен со Трамп.
Неделава се очекува во Вашингтон да патуваат Емануел Макрон и Кир Стармер. Официјално ќе одат да зборуваат за поддршка на безбедноста на Украина во поствоениот период. Но патем ќе проговорат и за намерите на Трамп. Ќе сакаат да ги чујат од прво лице. Стармер ќе треба да глуми пред Трамп одушевеност од средбата, знаејќи дека во предизборието јавно беше на страната на Камал Харис. Но и глумењето е дел од дипломатијата. Од Вашингтон ќе се вратат во Европа, па ќе има што да им кажат на своите колеги. Да ги охрабрат или да ги уплашат уште повеќе.
Денес во Киев се очекува доаѓање на редица европски лидери, а некои ќе се јават и по он-лајн врска. Ќе се одбележува три годишнината од војната. Ќе дадат вербална поддршка, веројатно ќе дадат и некои пари, па ќе објават нови санкции кон Русија. Не е јасно што ќе му кажат на Зеленски за односот со Трамп. Но што и да му кажат, сигурно нема да биде да оди до крај во конфронтација со него. Иако, Украина има право да бара од Западот голема поддршка, затоа што тој Запад не дозволи да ја прекине војната и ја тераше да војува. Тој Запад, предводен од САД на Џо Бајден, сега има друг предводник, кој не е настроен за војна. Да останеше Бајден на власт војната сега сигурно ќе беше во една покрвава фаза. Да не заборавиме, Бајден на заминување даде согласност за користење на американските ракети од долг дострел и на територијата на Русија и одобри околу шест милијарди воена помош. А Трамп почна од темел да ги обновува односите со Русија. Веќе неделава ќе се одржи нова средба на ниво на дипломати, раководители на директорати. Трамп сака што е можно побрзо да се постигне договор за Украина. Путин можеби сака повеќе од него. И нему не му е лесно.
Војната во Украина, ако не се случи некое чудо во американско-руските преговори, очигледно оди кон својот крај. Какво ќе биде финалето не е сосема јасно. Но многу понејасно е што ќе биде со Украина и со Русија по три години војување?
Мирче Адамчевски