ВМРО-ДПМНЕ триумфираше на парламентарните избори, Македонија ја доби првата жена претседател

„Има ли поголема, промена од таа-за прв пат во држава, жена да стане претседател? Има ли поголема инспирација за умните жени-нема.“

По пет претседатели на Македонија, професорката Гордана Силјановска Давкова е првата жена претседателка во историјата на Републиката. Во пресрет на нејзиниот роденден, граѓаните и подарија  победа - подарок кој со себе носи и голема одговорност за важни државнички прашања.

Претседателот на Собранието Јован Митрески ќе ја закаже седницата за инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова откако ќе го добие извештајот од ДИК за конечните резултати од вчерашниот втор круг претседателски избори, информираат од кабинетот на спикерот на Парламентот.

Најдоцна, на 12 мај треба да биде свикана собраниска седница за инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова. На 12 мај истекува мандатот на Стево Пендаровски. По примопредавањето на функцијата, на претседателот Пендаровски му следи отселување од резиденцијата, во која треба да се всели Силјановска-Давкова со семејството, како и другите бенефиции. При преземањето на должноста, претседателката треба да даде свечена изјава пред Собранието со која се обврзува на почитување на Уставот и законите.

Но која всушност е Силјановска Давкова? Родена на 11.05.1953 година. Професорката за себе вели дека во детството била немирна, но педантно дете. Основното и средното образование го завршила во Скопје. Дипломирала на Правниот факултет во Скопје, а потоа и магистрира. Докторирала на Правниот факултет во Љубљана.

Омиленото место на професорката Силјановска-Дафкова, уште од детството е ул. Македонија.

„Ако политиката е уметност на можното, заедницата е уметност на неможното. Вреди да се обидете да бидете врвен уметник во овие области паралелно“, ќе рече професорката, за која децата се најважното нешто во животот.

Силјановска Давкова за првпат влезе во политиката како предлог на ЛДП и беше министерка без ресор во првата влада на Бранко Црвенковски во период од 1992 до 1994 година. На парламентарните избори во 2020 година, Силјановска-Давкова беше носителка на кандидатска листа за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во првата изборна единица. Од август 2020 година досега беше пратеничка во Собранието.