Поранешниот шеф на НАТО жестоко го нападна германскиот канцелар

5.03.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Поранешниот шеф на НАТО жестоко го нападна германскиот канцелар

Во интервју објавено во швајцарскиот весник „Ноје Цирхер Цајтунг“, Расмусен за војната во Украина рече: „Потребни ни се шефови на држави кои ќе дејствуваат решително“, пренесе Шпигел.

Тој рече дека во време на војна, земјата не може да се води со слушање на јавното мислење. „Потребна ни е многу порешителна германска влада. Канцеларот Шолц е премногу бавен, премногу колеблив. Тој не остава впечаток на лидер“, рече тој.

„Германскиот канцелар со месеци ја блокираше испораката на крстосувачките ракети Таурус за Киев, плашејќи се дека тие би можеле да бидат искористени за погодување цели во Русија и за ескалација на конфликтот. Некои од неговата влада го притискаат да го промени тој став. Ова е уште една причина зошто Германија не е доволно призната како земја која дава најголема финансиска помош за Украина по САД“, додаде тој.

Шолц, според него, треба да биде попроактивен. „Не разбирам зошто Германија не испраќа Тауруси“, рече тој. Европа мора да се префрли на воена економија и да ја снабдува Украина со сето оружје што ѝ е потребно, нагласи тој. „Конечно мора да ја разбереме сериозноста на ситуацијата, Путин нема да попушти, особено не до изборите во САД“.

Расмусен се залага Украина да биде поканета во НАТО што е можно поскоро. „Не знам дали тоа ќе се случи на самитот на НАТО во јули“, рече тој. „Но, би сакал да се спротивставам на аргументот дека не е можно да се започне процесот на пристапување додека Украина се уште е во војна“.

Тој тврди дека таквиот аргумент испраќа силен сигнал до рускиот претседател Владимир Путин бидејќи „тој ќе знае дека едноставно мора да ја продолжи војната на неодредено време за да ја спречи Украина да стане членка на НАТО“. „Сакаме да го прекинеме тој маѓепсан круг“, рече тој.

Расмусен беше премиер на Данска, а сега е копретседавач на Меѓународната работна група за безбедносни прашања и евроатлантска интеграција на Украина.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата