„Еуромакс ресоурсис“: Последно предупредување пред арбитража за рудникот за бакар и злато „Иловица - Штука“

По неколкумесечната пауза, повторно продолжува сагата за рудниците Иловица-Штука. Во Изборната единица 4 меѓу другото копјата се кршат и околу тоа дали рудниците ќе се отворат или не.

Поголем дел од граѓаните се против отворањето, меѓутоа што предвидуваат изборните програми на дел од партиите? ТВ 24 ги праша политичките партии, кој е нивниот став околу можното отворање на Иловица-Штука? 

И ВМРО-ДПМНЕ се огласи дека е против отворање на рудниците. Сепак, се чини дека партиите во своите програми не ја предвиделе тужбата што ја најавува главниот извршен директор на компанијата „Еуромакс Рисорсис“, од каде велат дека даваат последна опомена пред арбитража, но исто така и уверуваат дека доколку се пристапи кон реализација и отворање на рудникот сè ќе биде по еколошки стандарди. Од Компанијата ги повикуваат надлежните да соработуваат со нив затоа што се сигурни дека ќе добијат на суд и државата ќе мора да исплаќа милионски суми од буџетот, 

Дали државата ќе плаќа пенали останува да видиме, а тоа ќе зависи и од исходот на претстојните избори, односно како и кој ќе состави Влада?! 

Инаку, прашањето за рудникот повторно се актуелизираше лани откако Владата ја усвои Одлуката за спојување на концесиите за експлоатација на „Иловица-Штука“, по предлог на Министерството за економија.

По ова следуваше протест на активистите од „Здрава котлина“, кои порачаа гласно НЕ за, како што го нарекуваат Рудникот на смртта, за потоа надлежните да ја поништат оваа одлука, и истото ова прашање да стане и главна тема за меѓусебни политички препукувања, прашање за кое екологистите и локалното население водеа долгогодишни битки со државата за Струмичката котлина да ја спасат од еколошка катастрофа.