Колку често имате чувство дека некој ви го извадил последниот атом на сила? Како да не можете да направите апсолутно ништо и ништо не може да ве придвижи? Ако можете да се препознаете во ова, можеби и вам ви се случила фаза на исцрпеност, особено во мајчинството, предизвикано од родителски обврски и сѐ друго што доаѓа со тоа. Исцрпеноста е хронична состојба која се карактеризира со физичка, ментална и емоционална исцрпеност, а се јавува кога постојаниот стрес ја намалува енергијата на човекот – во овој случај, кај мајката.

Личноста која доживува исцрпеност во родителството може да се препознае по ова:

-Упорно ја следи огромна исцрпеност во родителството

-Се споредува себеси со своето поранешно „јас“ како родител кој бил подобар (и чувствува срам и вина за тоа како работите некогаш биле)

-Чувствува дека повеќе не може да го поднесе родителството и дека ѝ е доста од сѐ

-Емотивно се оградува од децата и го прави она што е минимум потребно, само она што е нужно.

А како е тоа во реалниот живот? Еве неколку дневни симптоми за да видите дали сте изложени на ризик или веќе доживувате исцрпеност како мајка:

Постојано сте уморни

Ако правите сѐ што треба и сѐ што сте прочитале дека треба: да јадете правилно, да вежбате, да паузирате кога е потребно и слично, но сепак сте исцрпени секојпат кога комуницирате со вашите деца, можеби доживувате исцрпеност.

Намуртени сте или викате (дури и кога не го мислите тоа)

Некои мајки викаат за да ги натераат децата да го прават она што го бараат од нив, а некои мајки се чувствуваат како да не можат да си помогнат. Ако викате дури и кога сте добро расположени, па дури ви се чини дека викањето е единствениот начин на кој зборовите излегуваат од вашата уста, можно е да сте доживеале исцрпеност.

Се чувствувате „недоволно добри“

Мајките се изложени на многу осудувања и критики – поради некоја причина, општествено прифатливо е да им кажете на мајките дека тие се причината поради која нивното дете нема некоја општествено посакувана особина. Како може еден човек да биде одговорен за секој збор, мисла, чувство и акција преземена од друго живо суштество? Токму таквите очекувања да се контролираат неконтролирачките или непредвидливите постапки на децата се една од многуте причини зошто мајките се чувствуваат како да „не се доволно добри“ во мајчинството.

Сакате да „избегате“

Дали некогаш сте посакале мајчинството да биде работа со полно работно време за да може да се откажете од неа, или да ја промените работата? Многумина од нас се чувствуваат така, особено кога не гледаат крај на секојдневните физички и емоционални барања од мајчинството. Можеби ќе доживеете исцрпеност ако се плашите да се вратите на мајчинството дури и откако ќе одвоите некое време само за себе.

Искусувате само негативни интеракции со вашите деца

Исцрпеноста е непријатна работа. Дури и кога мислите дека давате сѐ од себе, тоа ве тера да се фокусирате само на негативното. Ако откриете дека разговарате со вашите деца само за да го поправите нивното лошо однесување или да ги насочите да направат нешто, тоа може да биде исцрпеност која може да влијае врз вашата способност да ги согледате вашите секојдневни успеси во родителството, па дури и воопшто да не ја чувствувате радоста што ви ја даваат децата.

Зошто треба да ја препознаеме исцрпеноста во мајчинството?

Препознавањето на исцрпеноста е важно, бидејќи ќе ви помогне да разберете кои чекори треба да ги преземете понатаму. Исцрпеноста е проблематична не само за мајката која ја доживува, туку и за децата кои може да бидат погодени од тоа. Исцрпеноста на мајката го изложува детето на ризик од запоставување, а во покритични случаи дури и злоупотреба, што е нешто што дури ни мајката што доживува исцрпеност не го сака за своето дете. Ако сфатите или само се сомневате дека доживувате исцрпеност во мајчинството, важно е да реагирате навреме. Ако не можете да направите ништо или да промените ништо сами, многу е важно да побарате помош – прво од блиските луѓе, а потоа и од експерти.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X