Изборни нерегуларности: Пронајдена испукана димна бомба на гласачко место, се фотографирале и гласачки ливчиња
Од отворање на гласачките места до сега, регистрирани се две фотографирања на гласачки ливчиња, едно во Скопје, а едно во Штип. Во Бучим, Радовишко едно лице го покажало гласачкото ливче на набљудувач. За сите овие настани, портпаролот на МВР Тони Ангеловски, информираше дека се преземаат мерки за расчистување.
– Покрај тоа на територија на Чаир се забележани летоци оставени врз паркирани автомобили, а регистрирани се и два графити. На едно гласачко место покрај испишан графит, од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6:40 часот е пронајдена испукана димна бомба. Веднаш се преземени мерки и на ова место гласањето се одвива непречено, додаде Ангелов.
Тој апелираше до граѓаните и учесниците во изборниот процес во текот на гласањето па се до завршување, да се воздржат од какви било инциденти. Доколку забележат нарушување на изборниот процес, портпаролот на МВР вели да се пријави во најблиската станица.