Досега е поведена истрага кон 45 физички и три правни лица за трагедијата во Кочани, меѓу кои и поранешни министри и директори на државни институции. Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата за објектот на клубот „Пулс“, информира државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на вчерашната заедничка прес-конференција со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Македонските компании соочени со трговска војна: Нова шанса наместо песимизам
Администрацијата на САД, предводена од претседателот Доналд Трамп предизвика тектонски потреси на финансиските пазари откако најави таканаречени реципрочни царини во трговијата со повеќе земји во светот, вклучително и за Македонија, а потоа само неколку часа откако стапија на сила тие беа паузирани на 90 дена, освен за Кина каде што имаше дополнително зголемување на царините. Во очигледниот обид да ја преобликува глобалната трговија, Трамп покажа дека е подготвен на сѐ.
Од целиот галиматијас што го предизвика американската администрација, најзагрижувачка е непревидливоста на потезите на Трамп односно на неговите политики што носи неизвесност и потешкотии при носењето на краткорочните и долгорочните планови на компаниите, но и воопшто на извршните и монетарните власти на глобално ниво. Анализиравме како македонските компании гледаат на новата реалност и дали има опасност по македонската економија доколку Трамп повторно ја разгори трговската војна по тримесечниот мораториум.
Згаснува Фондот за иновации и технолошки развој, ќе се припои кон Агенцијата за поддршка на претприемништвото
Замира Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Владата планира реорганизација на институциите чија цел е поддршка на бизнисот во земјава. Имено, на владината седница минатата недела беше разгледан и усвоен предлогот за спојување на Фондот за иновации и технолошки развој (владина институција за поддршка на стартапи и иновативни компании) со Агенцијата за поддршка на претприемаштвото (орган на државна управа, основан за спроведување владини политики за мали и средни претпријатија и други сродни проекти).
Ваквиот потег е дел од целокупната реорганизација на државните институции, а целта, како што велат од Владата, е да се подобри стартап и иновативниот екосистем во земјата и да се овозможи посилна поддршка за претприемачите. Од Владата велат дека зголемувањето на ефикасноста и функционалноста на работењето на органите на државната управа претставува една од клучните визии, предвидена во владината програма 2024-2028.
Преглед на пазарите: Берзански карусел, златото на врвот, доларот на дното
Баражот тарифи на американскиот претседател Доналд Трамп - а потоа и ненадејната 90-дневна суспензија за многу земји освен Кина - предизвика хаос на пазарите. Но, за разлика од претходната недела, повеќето големи берзи се затворија во зелено минатата недела. Индексот S&P 500 порасна за 8,27 отсто на неделно ниво, Dow Jones Industrial Average за 6,16 отсто, а Nasdaq Composite индексот порасна за 11,66 отсто. И покрај одличната недела, сите три индекси губат позиции оваа година.
Европските берзи беа измешани: германскиот индекс Dax затвори минатата недела со пораст од 8,65 отсто, францускиот CAC 40 со пораст од 4,41 отсто, италијанскиот IT 40 заврши рамно или во загуба, лондонскиот FTSE 100 загуби 1,13 отсто, а паднаа и паневропскиот Eurostoxx 50 (-1,52 проценти) и Eurostoxx 600 (-1,32 проценти). Инвеститорите се подготвуваат за она што би можело да биде продолжен период на нестабилност. Каде да ги ставите вашите пари за да бидат безбедни?
Мерц: Со тарифите Доналд Трамп ризикува финансиска криза
Германскиот канцелар во очекување Фридрих Мерц рече дека тарифните политики на Доналд Трамп го зголемуваат ризикот од финансиска криза и дека се залага за американско-европски договор за слободна трговија, прифаќајќи ја идејата што наиде на непријателски одговор од американскиот претседател.
„Да, се надевам на нов трансатлантски договор за слободна трговија“, рече Мерц во едно интервју за „Ханделсблат“. „Нулта проценти царини за сè. Тоа би било подобро за двете страни“. Европската унија им предложи на САД реципрочни царини „нула за нула“ за индустриски стоки. Трамп во понеделникот им рече на новинарите дека предлогот не е доволен и предложи Европа да надомести со купување на енергија од САД.Европа ќе мора да се фокусира на пазарите кои не се во САД, доколку САД решат целосно да се повлечат од глобалната трговија, рече Мерц.
Додека цел свет стравува, соседите на Трамп се забавуваат
Жителите на Флорида се навикнати да чекаат да помине невремето. Поддржувачите на претседателот Доналд Трамп во Палм Бич се обидуваат да сфатат дали бурата околу неговите царини е само уште еден минлив облак. Оние што живеат на богатиот остров во Јужна Флорида велат дека е премногу рано да се каже дали царините за „Денот на ослободувањето“, кои беа многу поагресивни отколку што очекуваа многу инвеститори, ќе претставуваат смело преуредување за глобалната економија - или ќе се покажат како чисто лудило.
Над пет трилиони долари пазарна вредност беа избришани од американската берза минатата недела откако Трамп го обелодени планот. Сега се зборува за рецесија, а милијардерите на хеџ-фондовите, вклучувајќи го и поддржувачот на Трамп, Бил Акман, предупредија на „економска нуклеарна зима“ доколку продолжи трговската војна.