СТАБИЛНИ ЈАВНИ ФИНАНСИИ – ПРЕДУСЛОВ ЗА НОВ ЦИКЛУС НА ЕКОНОМСКИ РАСТ

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во периодот 2024 2028 година ќе создаде предуслови за нов циклус на економски раст. Тој ќе се базира врз главниот принцип на економската програма на ВМРО-ДПМНЕ т.е. поттикнување на економската слобода на инвеститорите преку креирање на фер услови за сите стопански субјекти. Реализацијата на висок износ на јавни капитални инвестиции, посилна и финансиски поддржана инвестициска активност на домашните производни компании, влезот на странски компании и стабилизација на надворешното окружување ќе бидат основни двигатели на економскиот раст. Доколку не се случат непредвидени политички и економски нарушувања на глобално и регионално ниво, постојат услови во периодот 2024 2028 растот на БДП да се движи од 3,0 % до 5,0 %.

Фискалната политика во периодот 2024 2028 година ќе биде насочена кон враќање на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација, подобрување на управувањето на јавните финансии и одржување на високо ниво на капитални расходи. Активната и одговорна фискална политика ќе биде во функција на економскиот раст при умерено и одржливо ниво на дефицит и задолженост. Свесни за тешкиот фискален товар и нарушената фискална одржливост од страна на претходната Влада (јавниот долг на крајот од 2023 година достигна рекордни 62,1 % од БДП, а во наредните пет години ни се оставени огромни плаќања само по основа на камати во износ од 1,8 милијарди евра), ВМРО-ДПМНЕ следниот период ќе преземе мерки за фискална консолидација со цел земјата да се врати на патеката на умерено ниво на задолженост.

Буџетскиот дефицит постепено ќе се намалува на ниво под 3,0 % од БДП. Тој ќе биде поврзан со повисоките капитални инвестиции за инфраструктурни проекти, пред сѐ за изградба на транспортната и комунална инфраструктура, инвестиции во енергетски капацитети и инвестициите во образовната и во здравствената инфраструктура.

Преку одржување умерен буџетски дефицит, стабилност на девизниот курс и добра координација на монетарната и фискалната политика, ќе ја намалиме разорната инфлација која ја оставија нашите претходници. Ако нема надворешни шокови, очекуваме во периодот 2025 2028 година просечната стапка на инфлација да изнесува 2,0 % - 2,5 % годишно. Ќе ја почитуваме независноста на Народната банка на Република Македонија, со очекување дека истата преку навремени мерки и активности ќе одржува ниска инфлација, стабилност на девизниот курс и ќе се грижи за ефикасен финансиски сектор. Очекуваното забрзување на економскиот раст, вработеноста и платите, како и постабилниот надворешен и внатрешен амбиент, ќе придонесат за забрзување на растот на депозитната база и кредитната поддршка за фирмите.

Нашата цел е до 2028 година да ја намалиме стапката на невработеност до 7,5 %. Тоа значи дека во следните четири години во Република Македонија ќе се креираат околу 55 илјади нови работни места. Невработеноста ќе биде намалена преку остварување на висок економски раст; oдржување на бизнис-климата на ниво меѓу најдобрите во свет, што ќе даде директна поддршка на домашните фирми за нови инвестиции и отворање нови работни места; привлекување на нови странски директни инвестиции; активни политики и мерки преку Агенцијата за вработување; зголемена и таргетирана поддршка за повисок принос во земјоделството; натамошна поддршка на градежништвото и врзаните дејности преку повисок износ на капитални инвестиции; модернизација на образованието за создавање продуктивна работна сила.

Примарна цел и приоритет на следната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е зголемување на животниот стандард на граѓаните во Македонија. За да се постигне оваа цел, потребно е да се зајакне наплатата на приходите, да се подобри ефикасноста на трошењето на јавните пари, да се сведе на нула корупцијата во јавните набавки, да се реализираат значајни инфраструктурни проекти и да се внимава за идните генерации преку обезбедување на одржливост на јавниот долг. Со цел висок степен на реализација на крупните инфраструктурни проекти, потребно е нивно стратегиско планирање врзано со буџетирање.

Во наредниот период, една од главните активности на новата Влада на ВМРО- ДПМНЕ ќе биде насочена кон намалување на сивата економија и поголема наплата на средства за државниот буџет. Зголемувањето на даночната основа преку интегрирање на сивата во официјална економија ќе овозможи собирање на повеќе приходи во државниот буџет. Ова ќе овозможи задржување на ниските даночни стапки кај останатите даноци, а во исто време и поголем износ на средства за капитални инвестиции, за даночни ослободувања, субвенции и стимулации на работењето на домашниот приватен сектор и граѓаните.

Распределбата на буџетските средства е подеднакво значајна. Наспроти неефикасното трошење на јавните пари, високиот степен на корупција во јавните набавки и ниската реализација на капитални расходи за инфраструктурни проекти во изминатиот период, ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на искоренување на корупцијата во јавните набавки и значајно подобрување на ефикасноста и целисходност во трошењето на јавните пари, со главен фокус на реализацијата на капиталните расходи.

Квалитетот на јавните услуги мора да се подобри. За таа цел, ќе извршиме целосна дигитализација на услугите на јавниот сектор. ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да преземе активности со цел преиспитување и рационализација на поставеноста на органите на државната управа, со можност за спојување или укинување на одредени државни органи.

За подобрување на животниот стандард на просветните, здравствените, културните и социјалните работници, на вработените во судството, полицијата и во војската и на сите вработени во јавната администрација, платите ќе се зголемуваат со растот на економијата.

Ќе се заложиме за зацврстување на системот на социјална грижа. Голем број наши граѓани имаат потреба од социјална грижа и поддршка. ВМРО-ДПМНЕ ќе води посебна грижа за самохраните родители, многудетните семејства, лицата со попреченост и за болните. Социјалната помош ќе продолжи да се зголемува. За пензионерите ќе обезбедиме по 5 000 денари повеќе за пензии во првата година од мандатот. Со тоа ќе придонесеме за подобар и поквалитетен живот на највозрасните граѓани.


Администратор
18/04/2024 21:18