
Околу 70 странски македонисти и слависти од 18 држави ќе учествуваат на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (МСМЈЛК при УКИМ), која ќе се одржува во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид од 17 до 31 август.
Фото: МИА
Пријавени се семинаристи од Кина, САД, Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Русија, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Чешка.
Како што соопшти МСМЈЛК при УКИМ, значајно е што бројот на семинаристите се зголемува во споредба со претходните години и нагласува дека тоа е уште еден показател и за континуираното зголемување за македонистиката во меѓународната академска заедница.
Програмата на Школата е конципирана така што семинаристите ќе следат лекторска настава. Организирани се лекторски групи за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик – почетно, средно и напредно – кое е со две поднивоа, за јазик, и за литература. На Школата ќе се одржат и единаесет предавања на еминентни истражувачи, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, при што дел од нив ќе бидат во чест на важни јубилеи за македонистиката и за македонската историја кои се чествуваат во 2023 година.
–Пред сè јубилеите 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков, како и 120 години од Илинденското востание и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов. Во рамките на Школата ќе биде организирана и јазична работилница, а за семинаристите коишто се интересираат за македонскиот фолклор, традиционално ќе се одржи и курс по македонски ора. Во рамките на Школата ќе се одржат и промоции на книги, книжевни средби и интерактивни настани, а семинаристите ќе бидат специјални гости и на 35. меѓународна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“, информира Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.
Свеченото отворање на 56. Летна школа на МСМЈЛК ќе биде на 18 август напладне. По нејзиното завршување, од 1 до 3 септември во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе се одржува и јубилејната, 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ.
Извор: МИА