Рубрика: Астрономија и астронаутика
Колку луѓе се потребни за колонизирање на Марс? – 22!
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 06.09.2023 - 22:15

Токму ваков е заклучокот на една нова студија изработена од истражувачки тим од САД. Моделирањето и симулацијата за создавање на минимална почетна популација за успешна колонија на Марс која би продолжила да напредува покажале дека целта може да се постигне со само 22 луѓе.

Ова е значително помала бројка од претходната проценка којашто велеше дека за овој потфат би биле потребни најмалку 110 луѓе на површината на Марс. Колку повеќе, толку подобро, но да не заборавиме дека вкупната сметка за патување до Црвената планета вртоглаво расте со секоја дополнителна уста што треба да се нахрани, па оваа корекција на минимумот и тоа како многу значи.

Но, не е само бројот на луѓе. За успешна мисија потребно е групата колонизатори да вклучува мешавина од луѓе со точно определени типови на личност, што ќе овозможи нивна долгорочна успешна соработка во една од најизолираните средини. Во спротивно, целата работа пропаѓа. Деталните наодите од студијата се достапни на предпринт серверот arXiv и чекаат рецензија од пошироката научна заедница.

Освојувањето на Марс со човечки екипаж не е веќе некоја далечна иднина или фантазија, туку може да се случи уште во животниот век на повеќето од нас. Мисијата со човечки екипаж ќе значи добивање на опиплив доказ за остварливоста на идејата за формирање на постојана база или, пак, колонија на Црвената планета, која секако би се соочила со прилично обемен број пречки што треба да се надминат.

Освен ископувањето на неколку основни минерали и вода, колонизаторите ќе бидат зависни од Земјата за надополнување на залихите и дотур на најнеопходните работи со употреба на достапните технолошки средства“, пишуваат истражувачитеОсвен техничките и инженерските предизвици, идните колонисти ќе се соочат и со психолошки предизвици и предизвици во однесувањето на луѓето. Нашата цел е подобро да ги разбереме бихејвиоралните и психолошките интеракции на идните колонисти на Марс преку пристап за моделирање базирано на агенти (Agent-Based Modeling) односно т.н. ABM симулација", велат тие.

Моделирањето базирано на агенти е техника што вообичаено се користи во здравствени или економски истражувања. Во основа, тие се компјутерски симулации дизајнирани да ги проучуваат интеракциите на „агентите“ за автономни одлуки во системот. Иако овој пристап е вообичаено фокусиран на луѓе, системот може да вклучи и предмети, локација и текот на времето.

Во нивното моделирање тимот вклучил четири типа на личности:
1. Пријатни личности – со ниска конкурентност, ниска агресивност и ниско фокусирање кон рутински работи;
2. Социјални луѓе –  умерено конкурентни, конкурентни во социјалните интеракции и кои имаат потреба од социјална интеракција, но имаат и ниско фокусирање кон рутински работи;
3. Реактивни личности – умерено конкурентни, конкурентни во социјалната интеракција и се фокусирани кон рутински работи; и
4. Невротичари – мошне конкурентни, социјално агресивни, мошне фокусирани кон рутински работи и имаат проблеми со досадата.

На секој агент му биле доделени вештини од две категории; управување и инженерство. Исто така биле земени предвид и другите фактори, како што се достапност на ресурсите, меѓучовечки односи и решавање на задачи во пар. Тимот ги проучувал човечките експедиции спроведени во изолирани средини под висок стрес, какви што се истражувањата на Антарктикот, подморниците и Меѓународната вселенска станица, за да стекнат подобра претстава за предизвиците и стресните фактори. Тимот изврши 5 последователни симулации на нивниот модел со период од по 28 години, при што ги менувале параметрите за големина на популацијата од 10 до 170 индивидуи со чекор од 10, а подоцна тестирале и уште помали почетни популации.

Со оглед на тоа што има четири критични задачи кои треба постојано да се извршуваат – како што се производството на воздух, вода и храна, како и отстранување на отпадот и реакција при несреќи – популацијата од 10 индивидуи била поставена како апсолутен минимум за стабилна колонија. Еднаков број од секој тип на личности биле вклучени во секој стартен сет. По 28 години, минималната почетна популација која можела да издржи поголема популација била 22 лица. Но, значајна улога има и типот на личност.

Во сите тестови, типот на личност “пријатни” беше единствениот што го преживеа целото времетраење на симулацијата“, пишуваат истражувачите. „Ова се должи веројатно на тоа што тие имаат најголема способност за справување со проблеми, а по долги временски периоди секој агент бил изложен на низа интеракции со стресни фактори, како и несреќи во вселената и живеалиштата“.

Можеби не е изненадување тоа што невротичните типови на личности претставуваат слаба точка во рамките на симулацијата. Тимот откри дека невротиците предизвикуваат намалување на популацијата на Марс. Нивната стапка на умирање е многу поголема од другите типови на личности; и само во еден случај невротичните личности достигнале доволно ниско ниво за остатокот од популацијата да може да се стабилизира. За среќа, оваа информација не е нова за НАСА но и другите вселенски агенции, кои астронаутите ги избираат низ долг и внимателен процес на проверка што вклучува и проценки на личноста.

Извор Science Alert

Клучни зборови: