Несомнено е дека е важно да се препознаат силните страни на детето и да се истакнат. Ова е добро за самодовербата на детето. Сепак, прекумерната употреба на мотивациски реченици може да биде штетна, а еве како.

Кога ќе му кажете на детето: „Можеш да направиш сѐ што ќе си замислиш!“, тоа се чувствува многу добро, дури и одлично. Го охрабрувате да ги развива своите квалитети, му давате ветер в грб да не се откажува, да истрае во сè затоа што може да го направи тоа. И тоа е прекрасно! Сѐ додека не претерувате. Бидејќи прекумерната употреба на такви фрази всушност може да има спротивен ефект од очекуваното.

Вистина е дека за да се постигне целта, исклучително е важно човекот да биде убеден дека може да го направи тоа, дека може да ја постигне, реализира, достигне таа цел. Но, од друга страна, да му кажете на детето дека сè што сака е на дофат и да го убедите дека може да прави што сака, може да направи повеќе штета отколку корист.

Како и на возрасните, така и на децата им е потребна надворешна мотивација. Најважната улога во животот на детето ја имаат родителите или старателите. Тие се таму за да дадат охрабрување преку дела и зборови. Кога детето вози велосипед првпат, потребен му е родителот да му каже: „Ајде, можеш!“, исто како кога ќе глуми во првата претстава пред публика.

Грешките се важен дел

Децата секојдневно се соочуваат со предизвици. Постојано учат, ги тестираат своите способности и стекнуваат вештини, но прават и грешки, што е неизбежен дел од растењето. Врз формирањето на самодоверба влијаат оние позитивни пораки што доаѓаат однадвор, а најважни се оние од родителите.

Но, иако изгледа како добар пат и добро воспитување, не е секогаш добра идеја да го натерате детето да верува дека сѐ е можно. Недискриминирачкото користење на ваквите позитивни коментари може да биде навистина опасно за нивното ментално здравје. Можеби не разбирате како една навидум корисна порака може да биде штетна за умот на детето? Еве како.

Она што се случува кога ќе го бомбардирате детето со такви пораки е тоа што тоа создава нефлексибилни верувања, односно оние што ќе го натераат да избрзува до заклучоци. На пример, ако мисли дека може да направи сè што ќе му падне на ум, кога првпат нема да ја постигне целта ќе се чувствува како нешто да не е во ред со него. А реалната слика е всушност поинаква и децата мора да прифатат дека неуспехот е дел од животот. Едноставно кажано, дете кое е убедено дека може сѐ, нема да биде подготвено да толерира фрустрација.

Важно е пораките да бидат реални

Сите ние имаме ограничувања. Од друга страна, секоја цел и нејзино достигнување има одредени аспекти кои го ограничуваат или условуваат постигнувањето и реализацијата на таа цел. Значи, постојат околности кои се надвор од нашето влијание, надвор од нашиот дофат и не можеме да влијаеме врз нив. Факт е дека луѓето се ранливи и не можеме да го избегнеме тоа, а ако ја игнорираме или негираме таа ранливост, тоа нема да нѐ направи посилни, туку ќе нѐ направи помалку реалистични.

Од друга страна, ако му пренесеме и всадиме на детето разбирање дека сите луѓе имаат одредени ограничувања, тоа ќе знае дека ако нешто не оди како што треба, не е помалку вредно. Исто така, за да може детето или која било личност да побара помош, важно е да се препознае себеси како ранлива личност. Значи, за да го направиме тоа, треба да прифатиме дека не можеме сè да направиме сами.

Токму затоа прекумерната употреба на позитивни коментари може да биде многу опасна бидејќи ја поткопува идејата дека е во ред да се побара помош. Ако прекумерно ги користиме позитивните коментари, на децата им всадуваме погрешна идеја дека не се ранливи и дека не им треба помош.

Можете ли да спречите позитивните коментари да станат опасни?

Што можете да направите? Најкорисна алтернатива е секогаш балансот, кој знаеме дека тешко се постигнува. Можете да ја постигнете оваа рамнотежа со користење пофалби и мотивациони коментари претпазливо и мудро во соодветни моменти. Дополнително, клучно е да се разбере дека нашите деца не само што не се способни да направат сè, туку и не мора да бидат способни.

Извор



912

X