Ванковска: На Македонија и треба социјален, а не етнички Устав

Кандидатката за претседател на Левица, Билјана Ванковска и кандидатите за пратеници од ИЕ1 Дарко Ристовски и Катерина Јовановска, вчера одржаа средба со граѓани во Карпош.

На средбата беа презентирани делови од програмата на Ванковска за претстојните избори.

„Ако сакаме достоинство, овие избори немаме право на грешка. Мора да излеземе и да гласаме за да се прашува народот. Покренување на постапка за излегување од НАТО е неопходна. Како сиромашна земја која нема економски развој, а секоја година издвојува повеќе од 2 отсто од својот вкупен национален доход само тоне во сиромаштија. Притоа она што го издвојуваме оди за финансирање туѓи војни“, рече Ванковска.

Ванковска пред карпошани ги повтори заложбите од нејзината изборна програма за носење на нов Устав.

„Нужно е да донесеме нов Устав наместо да се надмудруваме кој ќе влезе во преамбулата. Тој Устав ќе биде современ, таков каков што ќе го донесеме за себе како политичка заедница која нема да биде делена по етнички квоти, со олигархии и етнотрибализам, туку социјален Устав, заснован на принципите на социјална класна правда и еднакви можности.Сонцето и Белите мугри на Рацин изгреваат на исток! Иако ни кажуваат политички мудрости дека сонцето излегува на запад, на запад се случуваат драматични работи, светот се менува и ние треба да гледаме на сите четири страни“, рече Ванковска.

На крајот, професорката Ванковска и кандидатите на Левица за пратеници од ИЕ1 Ристовски и Јовановска, положија цвеќе на споменикот на паднатите борци во НОБ од Нерези кај мостот „Обединети нации” – симболот на заедништво во историската борба за слободна Македонија.