„Таа е мирна како бубаче. Ова другово дете е ѓавол“.

Семејствата со две или повеќе деца често ја кажуваат оваа реченица.

Обично се случува две деца од исти родители да се тотално различни. Восхитувајќи се јавно на смиреноста на едното, второто дете станува уште понемирно.

Јас бев ова другото дете. „Немирко“ – беше моето средно име долго време. Додека се обидуваа да ме смират со страв и ќотек, кај мене се разви инает и отпор кон секој „авторитет“.

Можеби мислите дека тоа ми помогна во животот, дека ме направи посилен… хмм можеби малку, но повеќе ми одмогна. Тоа ме чинеше многу. Неуспешни врски, лоши избори, па дури извесно време и јас самиот си поверував: „И јас добивав ќотек, па што ми фали“.

Мирното дете не е послушно.

Не ја разбирате оваа реченица? Така е: мирното дете не е послушно, обично е покорно. Смирено е од страв и потиснува сè што природата, животот и Бог му дале.

Да прашува, да истражува, да каже што мисли, да го тестира и вкуси животот, да се обидува, да не успее, да учи од искуство… да си ги провери границите. Да нѐ потсети дека и ние сме биле деца.

Ако се прашувате како во 21 век се случува луѓето толку лесно да се контролираат, можеби одговорот лежи во воспитувањето. Бевме воспитани да бидеме покорни. Да не зборувам понатаму многу и да го констатирам проблемот како мнозинството, без да дадам никакво решение. Избирам да не се жалам или да играм улога на жртва. Прифатив, простив и гледам што можам да направам подобро.

И моите деца се различни, дури сум забележал дека се покорни на моменти, сум забележал дека личат на мене, а богами и под површината развиваат инает и отпор. Зошто? Затоа што на почетокот не разбирав и затоа што мислев дека стравот е нормален, па се плашев од родителите, особено од наставниците… тоа го правев погрешно. Според стариот модел.

„Многу се промени“.

Две групи луѓе ми го кажуваат ова. Некои се промениле и самите, па им е мило што имаат сопатник во тој процес. Иако се малкумина, тоа го кажуваат од љубов. Другите, помногубројните, останале исти, жалат што немаат храброст да се променат, завидливи се, се обидуваат да те влечат надолу, па тоа го кажуваат од страв и пасивна агресија.

Се променив. Јас не сум камен.

Моите деца се главно послушни. Сега некој ќе рече дека тоа е исто или – како може да се немирни и послушни.

ЛАсно.*

*Баба ми го употреби овој збор. Тоа значи соединување на ЛЕСНО и ЈАСНО.

Покорните деца се покорни од страв. А послушните деца се послушни од љубов.

Вие сте авторитет ако некого направите подобар. Обидете се да ги направите вашите деца, работници, сопруг, сопруга да бидат послушни, а не покорни. Незадоволството се раѓа од страв. Од љубов…хм…од љубовта се раѓа радост.

Радоста е единствениот лек и единствениот водич.

Среќен ден на сите што дишат, штом тоа го можете, можете уште многу.

Џони – послушниот

Автор: Никола Петровиќ

Извор



912

X