МЗТ го најави дуелот со Работнички: „Време е да го вратиме сјајот на „вечното“ дерби“

Во екот на ракометното Светско првенство, во кое Македонија е на чекор до пласман во следната рунда, на домашно тло вечерва ќе се одигра второто кошаркарско „вечно“ дерби меѓу МЗТ Скопје и Работнички.

Домаќин ќе биде шампионот МЗТ Скопје, кој со објава на социјалните мрежи го најави натпреварот со големиот ривал и од своите фанови побара да дојдат во што поголем број за одново да се врати сјајот на „вечното“ дерби.

Време е да го вратиме сјајот на „вечното“ дерби! Покрај сите случувања во и околу македонската кошарка, сега е моментот повторно да се обединиме и да покажеме дека сме едно плаво-бело семејство!  Ги повикуваме сите навивачи и симпатизери на гордоста на Аеродром, но и сите останати кошаркарски вљубеници да дојдат во салата и заедно да го вратиме сјајот на дербито МЗТ Скопје – Работнички.

Да го направиме ова дерби она што отсекогаш било – празник за кошарката! Облечете се во боите на МЗТ и дојдете да им помогнете на нашите кошаркари да слават голема победа над вечниот ривал. Дојдете вечерва и бидете дел од сино-белата магија која обединува! Билетите се веќе во продажба на билетарницата пред салата и преку мрежата и интернет-страницата на МК Тикетс (линк во коментари) по цена од 100 денари“, стои во објавата на шампионот.

Средбата меѓу најтрофејните се игра во СЦ „Јане Сандански“, а почетокот е закажан за 18:00 часот.