Војната на Блискиот исток засега не предизвика ценовни шокови кај горивата

Нападот на Иран врз Израел засега не предизвика ценовни турбуленции на горивата во Македонија. Цените на дериватите кои ги користи Регулаторна комисија за енергетика при формирањсе на финалната цена за граѓаните се стабилни.

Претседателот на ова регулаторно тело Марко Бислимовски за ТВ 24 вели дека влијание врз цената на горивата ќе има, колкаво тоа засега не се знае. Најновата одлука регулаторот ја донесе денеска а според неа, цените на бензините останаа исти а дизел горивото од полноќ ќе се продава за половина денар поевтино. 

„Прерано е да се дадат било какви заклучоци. Имајќи ги во предвид состанокот кој треба да се одржи на Г7, а потоа се очекува и ОПЕК да одржи состанок, па да видиме како ќе се позиционираат и Г7 а како ќе се позиционира и ОПЕК, бидејќи сосема е возможно доколку има удар на цената одредени земји да ги активираат и своите резерви со цел да се одржи одредена ценовна стабилност. Ова е во последниве две недели од кога почнаа најавите дека Иран ќе го нападне Израел, цената на суровата нафта е зголемена за околу 10 долари, но тоа кај нас не предизвика некои сериозни промени.“ - рече Бислимовски.

Западот е веќе во калкулации за тоа колку ќе се зголеми цената на суровата нафта на светските берзи. Сега неизвеснота е во евентуален одговор на Израел врз Иран, и дали Иран ќе ја запре испораката на нафта. Според информациите Иран е еден од најголемите производители на нафта во светот, а доколку оваа држава има намера да направи хаос на нафтениот пазар во светот тоа може да го стори и со инциденти и на поморскиот транспорт на нафта. Во меѓувреме, Жозеп Борел кој е висок претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност повика на деескалација помежу Иран и Израел.

„Ние сме на раб на провалија и мора да се оддалечиме од неа. Мора да нагазиме на кочница и да тргнеме во рикверц.“ - рече Борел.

И пред нападот на Иран врз Израел добро упатените во овој бизнис најавуваа дека војната во Газа ќе ја зголеми цената на нафтата и дека по подолг период еден барел ќе изнесува над 100 долари. Тоа не се случи поради зголеменото производство на земјите членки на ОПЕК кои на некој начин го намалија инфлаторниот притисок.