АКО СТЕ АЛЕРГИЧНИ НА ПОЛЕН, ВЕЖБАЈТЕ НА ОТВОРЕНО РАНО НАУТРО ИЛИ ПРЕД ДА СЕ СТЕМНИ И ЗЕМАЈТЕ ТЕРАПИЈА 20 МИНУТИ ПРЕД ВЕЖБАЊЕ

САД, (Њујорк тајмс)

Поголемата количина на полен гo прави вежбањето на отворено непријатно и може да влијае врз резултатите на оние кои редовно трчаат или вежбаат надвор.

Покрај потоплото време и подолгата дневна светлина, пролетта носи експлозија на полен, што предизвикува чешање на очите и носот. Што е уште полошо, сезоната на полен стана подолга и поинтензивна во последниве години како последица на климатските промени.

Иако секој што поминува време на отворено е изложен на одредени алергени, оние кои вежбаат честопати ги чувствуваат нивните ефекти посериозно, велат експертите, бидејќи вдишуваат повисоки дози. Изложеноста може да ги иритира дишните патишта од носот до белите дробови.

„Кога ткивата во носот отекуваат, потешко е воздухот да влезе во дишните патишта“, рече Манан Шах, алерголог од Денвер кој работи со спортисти.

Воспалението често се задржува по завршувањето на тренингот и може да влијае на спиењето и да ги спречи мускулите да заздрават правилно. Шах ги советува сите кои тренираат на отворено да го прават тоа рано наутро или пред да се стемни, кога поленот е често помал.

Друго идеално време за вежбање е откако ќе врне, бидејќи дождот го чисти воздухот.

„Избегнувајте да вежбате на отворено во суви ветровити денови, кога повеќе полен и други алергени циркулираат во воздухот. Најефективниот начин да се спречат сезонските алергии е да се земаат вистинските лекови пред да се излезе надвор. Ако одите да вежбате со алергиски симптоми, тие само ќе се влошат“, вели шпанскиот алерголог Педро Ламот.

За дополнителна заштита, Ламот препорачува да се користи антихистамински спреј за нос, околу 20 минути пред вежбање. Ако имате чешање на очите, можете да користите и антихистамински капки.

Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ