Работење

Иднината на магацинското работење

20 мар 2024

Одговорните луѓе на магацините се соочуваат со сè поголем притисок да остварат повеќе за што помалку време без притоа да прават компромис со точноста при спремањето на стоката. Вообичаените таргети за точност на испорачаната стока изнесуваат високи 99,7%. Сето ова е во врска со растечките очекувања од клиентите, притисокот од конкуренцијата и недостигот на работна сила. Поради ова, модерните магацини сè повеќе се стремат да ги подобрат и да ги зголемат своите технолошки капацитети, како и да имплементираат нови процеси кои би биле во голем дел автоматизирани.

  Пишува: Бобан Младеновски, менаџер за транспорт во „Теско“, Boban.Mladenovski@tesco.com

Покрај фактот дека во Велика Британија автоматизацијата и дигитализацијата се во подем, сè уште постои и секогаш ќе биде тука потребата од човечка интервенција. Според една студија спроведена во текот на 2023 година, 73% од одговорните луѓе во магацините се согласни дека врвен приоритет претставува обезбедувањето технологија која е едноставна за користење и обезбедувањето соодветен тренинг адаптиран за работниците од првата линија. Пристапот кон планирање на работната сила несомнено веќе вклучува и планирање за имплементација на нови технологии кои ќе ги направат работните места поефикасни, побезбедни и, секако, приспособливи на промените. На тој начин многу полесно ќе се постават нови стандарди, таргети и неизбежно унапредување на работењето како целина.

На работниците кои пакуваат стока или пакети за испорака, кои работат на виљушкар, сортираат стока, работници за прием на стока, за товарање и други оперативци во магацините, доколку немаат помош од технологијата, им се намалува ефикасноста и безбедноста на работната средина. Кај нив се зголемуваат заморот и нивната фрустрација, а сето ова има директно влијание врз крајниот резултат и врз профитот кој го очекуваме и посакуваме. За сето ова веќе постои опрема во широка употреба со која потврдено се зголемува ефикасноста дури и до 33% при пакување стоки, а се намалува трошокот за одржување. Би се запрашале како ќе реагираат работниците од првата линија доколку би се одлучиле да инвестираме во автоматизација на процесот на работење? Одговорот го имаме во едно истражување од минатата година каде што резултатот покажува дека 83% од работниците при имплементација на нова технологија или автоматизација се чувствуваат респектирани, бидејќи компанијата во која работат се грижи да им обезбеди соодветна опрема или соодветни алатки со кои полесно ја завршуваат работата. На инвестирањето во технологија или автоматизација сè повеќе се гледа како на неопходен стратегиски одговор кон новите предизвици, а не како на нов тренд.

На инвестирањето во технологија или автоматизација сè повеќе се гледа како на неопходен стратегиски одговор кон новите предизвици, а не како на нов тренд.

Магацини од иднината

Според многумина, минатата година беше предизвикувачка за синџирите на снабдување земајќи ги предвид сите светски случувања, при што многумина ги ставија своите веќе подготвени проекти за инвестирање на листа на чекање, со големи очекувања дека оваа 2024 година ќе можат да ги имплементираат. Освен тоа, следејќи ја макроекономската ситуација, зголемувањето на каматите, цените, целиот бизнис во светски рамки се најде под голем притисок. Потребно беше да се обезбеди и испорача производот, а притоа да обезбеди најприфатлива или најконкурентна цена за крајниот потрошувач, но и што подобар профит за себе. Следејќи квартални анализи и показатели од минатата година, се предвидува дека во првите два квартали од годинава ќе има стабилизација на пазарот. Веќе од третиот квартал од 2024 година, а особено во четвртиот квартал од 2024 година и првиот од 2025 година се очекува раздвижување на пазарите во нагорна линија и многу поповолни услови за дел од синџирите за снабдување. Што научивме од тоа што го поминавме, како треба да изгледаат магацините во иднина?

„Теско“ во Велика Британија историски гледано секогаш ги поставува стандардите во својата индустрија. Во близина на својот магацин во Аулесфорд, Кент, кој е специјализиран за онлајн-нарачки, „Теско“ почна со изградба на нов магацин што ќе биде со површина од речиси 58.000 м², од кои 9.700 м² за смрзнати производи и речиси 48.300 м² ќе биде магацин со контролирана температура за свежи производи, овошје, зеленчук итн. Дворот на магацинот е со површина од 148.000 м² и ќе има 128 дока за истоварање или товарање, плус 18 специјализирани за смрзната храна. Магацинот ќе биде изграден со енергетска ефикасност А, при што 10% од целокупната енергија ќе доаѓа од обновливи извори. Се очекува да почне со работа во април 2025 година.

Пристапот кон планирање на работната сила несомнено веќе вклучува и имплементација на нови технологии кои ќе ги направат работните места поефикасни, побезбедни и секако приспособливи на промените. На тој начин многу полесно ќе се постават нови стандарди, таргети и неизбежно унапредување на работењето како целина.

Кога имаме вакви инвестиции, нормално е да се очекува дека и опремата, односно технологијата која ќе ја користат работниците за извршување на секојдневните работни обврски ќе биде најнов модел, со што максимално би се зголемила ефикасноста. Се разгледува можноста податоците што ги собира опремата при користење, целата телеметрија да ја споделува во една база на податоци. Односно целата опрема би била во една мрежа, со што би се постигнало клучно оптимизирање на т.н. интралогистик.

                                                                              

Инвестирање во синџџирот на снабдување

Целокупниот синџир за снабдување се стреми кон иднината и како побрзо и полесно да се приспособи на промените што доаѓаат. Постојат неколку фактори што треба да се земат предвид кога планираме инвестиции:

  1.  Интеграција на технологијата – континуирана интеграција на напредната технологија, при што треба да се земат предвид и вештачката интелигенција AI, IoT, блокчејн, надградување на машините и сл. Ова може да доведе до подобрување на управувањето, предвидувањето и следење на работењето во секое време и во секој сегмент.
  2. Одржливост – сè повеќе се нагласуваат одржливоста и одговорноста за животната средина во управувањето со синџирите за снабдување. Кога компаниите прифаќаат намалување или оптимизирање на јаглеродниот диоксид, отпад, имплементирање на обновливи извори на енергија, тогаш и клиентите стануваат посвесни и поодговорни за зачувување на природата.
  3. Отпорност и управување со ризици – почнувајќи од пандемијата, се потенцираше важноста компаниите да инвестираат различни стратегии, аналитички алатки за да се одговори соодветно на постојни или предизвици кои би дошле во иднина.
  4. Пораст на е-трговијата – со растењето на онлајн-продажбата комплетно се смени динамиката на синџирите за дистрибуција. Компаниите се принудени да инвестираат за да ја зголемат продажбата и да се подготват за иднината. Ова значи инвестирање во нови складишта исклучиво за онлајн-продажба и развој на соодветна дистрибутивна мрежа.
  5. Промена на регулативи – компаниите мора да бидат подготвени на нови царински процедури, тарифи и регулативи, кои можат значително да влијаат при донесување одлуки за работењето на компанијата во иднина.
  6. Соработка – од голема полза би била соработка и партнерство меѓу снабдувачите, производителите, логистичките компании и синџирите на супермаркети. Со ова значително би се зголемил перформансот на сите инволвирани компании.
  7. Дигитална трансформација – ќе продолжи да се имплементира со забрзано темпо и колку поскоро се направи, толку подобро.
  8. Вештини на работната сила – континуирана инвестиција во обуки и надградба на вештините на вработените со цел обезбедување обучен кадар подготвен да одговори на различни предизвици.

Целиот синџир на снабдување како индустрија е многу динамичен и е предмет на многу надворешни фактори. Затоа е круцијално за бизнисот да се остане агилен и адаптабилен за полесно да се апсорбираат идните предизвици и можности.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...