Рубрика: Металство и машинство
Случајно откритие – металите можат да се саморепарираат?!
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 09.08.2023 - 13:45

Досега, науката беше во најмала рака резервирана, кога станува збор за вакво нешто. Но, едно истражување, чии резултати неодамна беа објавени во Nature, случајно откри дека во некои ситуации, металите може да можат да ги “самозаварат” наноскопските пукнатини кои се резултат на абење.

Она што го видовме со свои очи е неверојатно, бидејќи науката ни кажува дека пукнатините во металите можат само да станат поголеми, а не повторно да се собираат или затвораат", објаснува Бред Бојс, еден од авторите. „Дури и некои основни равенки што ги користиме за да ја пресметаме еволуцијата на фрактури ја исклучуваат можноста да постои таков процес на поправка."

Откритието било случајно, додека истражувачите вршеле лабораториски тестови за проценка на формирањето наноскопски пукнатини во парче платина. Техниката развиена во истражувањето овозможила повторливо влечење на краевите од металот со брзина од 200 пати во секунда кое послужило за генерирање на напнатост. 40 минути по експериментот, со набљудување на платината под електронски микроскоп, авторите сфатиле дека краевите од една фрактура се споиле и делот се вратил во првобитната состојба, не оставајќи никаква трага од прекинот што постоел.

Откритието, колку и да е сензационално, не значи дека наскоро ќе можеме да градиме неуништливи авиони, автомобили или мостови. Истражувањата штотуку почнуваат, а патот кон целосно разбирање на овие процеси на саморепарирање и до нивна примена на индустриско ниво е долг.

За волја на вистината, ова не е прв случај некој да теоретизира за оваа чудна способност на металите за самозацелување. Во 2013 година, поранешниот истражувач на МИТ и сегашен професор на Универзитетот А&М во Тексас – Мајкл Демкович, изложи теорија која, преку серија компјутерски симулации покажа дека под одредени услови металите се способни да ги “самозаварат” пукнатините до кои дошло со текот на употребата. Сега, кога оваа теорија е докажана и во пракса, ќе биде потребно дополнително истражување за да можеме да го ползуваме ова неочекувано својство на металите.

Клучни зборови: