На денешен ден, пред 83 години, започна Априлската војна

На денешен ден, 1941 година, Нацистичка Германија без објава на војна го нападнала Кралството Југославија. Нападот започнал со бомбардирање на Белград, кој е речиси целосно разорен, а 12.000 луѓе го загубиле животот.

Нападот започнал околу 6.30 часот наутро. Во првиот бран во нападот учествувале повеќе од 200 нацистички авиони бомбардери. Во четири напади тој ден, учествувале 484 бомбардери, фрлајќи околу 360 тони бомби врз градот.

Од авионските бомби не се поштедени ниту останатите поголеми градови како Скопје, Сараево, Ниш и други.

Германската инвазија на Кралството Југославија на 6 април 1941 година, денеска се изучува како Априлската војна (кодно име Директива 25). Оваа операција го означи почетокот на Втората светска војна во Југославија. Нападот е направен по копнен пат, од неколку правци.

Германски, италијански и унгарски војници навлегле на територијата на Југославија од Италија, Австрија (тогаш дел од Третиот рајх), Унгарија, Романија и Бугарија. Во исто време започнал германскиот напад на Грција со кодно име Операција Марита. Војната завршила во 17 април 1941 година со капитулација, окупација и поделба на Југославија. Кралското семејство и некои претставници на владата на Кралството Југославија заминале во егзил во Велика Британија.

Според бројни историски извори, априлскиот напад бил одмазда на Хитлер за 27 март 1941 година, кога владата Цветковиќ-Мачек и гувернерот, чиј прв човек бил принцот Павле Караѓорѓевиќ, биле соборени поради потпишувањето на пактот со Германија.

„Воздушниот напад врз Белград имаше исклучиво политичко-терористички карактер и немаше никаква врска со војната. Тоа бомбардирање беше прашање на суета на Хитлер, негова лична одмазда“, рекол германскиот фелдмаршал Евалд фон Клајст на повоеното судење.