Оставки по изборниот пораз

Битиќи, Костадинов, Тренчевска и Морачанин се првите жртви на тешкиот изборен пораз, кој СДСМ и коалицијата го доживеа вчера на парламентарните избори. Првите двајца си поднесоа оставки од потпретседателските функции во партијата.

Поранешната министерка за труд се повлече од лидерското место во Форумот на жени, а поради оставката на Морачанин, коалициониот партнер на СДСМ, ДОМ ќе бара нов лидер. Во образложението на ко-носителот на листата во двојката Фатмир Битиќи сепак има еден услов – неговата оставка ќе важи, само ако се повлече целото раководтсво на партијата.

Од функцијата потпетседател на партијата се повлече и Перо Костадинов, градоначалникот на Валандово. Не образложувајќи премногу за мотивите, Костадинов на фејсбук напиша: Потребни ни се внатрешни и надворешни партнерства, силни институции и интеграција на земјата во ЕУ.

„СДСМ ќе се реформира, затоа што му е неопходна на општеството. Како државотворна партија која секогаш ја негува демократијата, ја гарантира слободата на граѓаните и никогаш не поттикнува меѓуетнички судири, како столбови на нашиот опстој.“

Од моето делување сфатив дека на граѓаните не им се потребни само добри закони, туку и силни реформи, напиша на фејсбук претседателката на Форумот на жени на СДСМ Јованка Тренчевска, образложувајќи ги мотивите за оставката.

„Од партиските структури се повлекувам целосно одговорно и самосвесно, со сигурност дека не сум ја изневерила довербата која ми е дадена, а од денес во СДСМ нека настапат оние со квалитети, вистински знаења, лицата блиски до народот на кои им се верува. Нови лица, неизвалкани од бремето на претходните функционери. Јас верувам во моите социјалдемократи и знам дека промените ќе бидат на подобро.“

По изборниот пораз синоќа, лидерот Димитар Ковачевски повика на нови внатрешни избори на сите партиски тела, почнувајќи од раководството, до претседателите на општинските организации.

Во истовреме, Јован Деспотовски кој на Ковачевски му беше противкандидат за лидер на СДСМ на конгресот пред две години, побара итни, а не одложени оставки од раководството. Изборниот пораз ја натера на оставка и лидерката на ДОМ Маја Морачанин, честитајќи им ја победата на Гордана Сијлановска Давкова и на ВМРО-ДПМНЕ.