Меѓу другото, новата регулатива за емисии Еуро 7 може да го загрози дури и преминот кон електрична мобилност

За автоиндустријата во земјите од Европската унија каква што ја знаеме сега, остануваат уште само 12 години (за некои кратко, за некои долго) до почетокот на забраната за продажба на автомобили со внатрешно согорување.

Но, дотогаш, на 10 ноември минатата година, Европската комисија конечно ја предложи регулативата Еуро 7, со нови правила за намалување на емисиите на моторните возила, која ќе почне да се применува од 1 јули 2025 година за автомобили и ванови, а две години подоцна и за камионите и автобусите.

Како потсетување, новиот стандард Еуро 7 воведува единствен сет на правила за ограничувања на емисијата на штетни гасови за сите моторни возила и ги поставува истите граници на емисија за сите возила без разлика дали возилото користи бензин, дизел, електричен погон или алтернативни горива.

Бидејќи ограничувањата за емисија се построги, но и различни од сегашните, многу европски национални здруженија на производители стравуваат дека Еуро 7 ќе биде крај за повеќето автомобили во ЕУ кои се произведуваат денес, и дека Еуро 7 индиректно претставува реален ризик од затворање фабрики и губење на илјадници работни места.

Кога сегашниот стандард Еуро 6, кој е во сила од 2014 година, ќе биде напуштен за 24 месеци, тој најверојатно ќе биде последен што ќе го земе предвид развојот на нови бензински и дизел мотори со внатрешно согорување до преминот кон нулта емисија во 2035 година.

Според предвидувањата на експерти од автомобилската индустрија, моторот со внатрешно согорување каков што го знаеме сега би можел целосно да исчезне дотогаш поради новите регулативи, а има неколку причини за тоа.

Имено, цените на автомобилите сигурно ќе пораснат. Со цел да се справат со новите барања за издувни гасови, производителите ќе бидат принудени да направат промени не само на возилата што ќе ги пуштат во продажба од 2025 година, туку и на нивните производни процеси и производствени локации. Ова ќе резултира со зголемување на трошоците за производство, што (негативно за клиентите) ќе влијае на цената на автомобилот. Особено оние помалите и достапни.

Во интервју од октомври минатата година, извршниот директор на Volkswagen, Томас Шафер, предупреди на ова и изјави дека градските автомобили во Европа можат да поскапат од 3.000 до 5.000 евра. И додаде дека кога Еуро 7 ќе стапи на сила, ќе го убие сегментот на мали автомобили и ќе го направи недостапен.

Зголемувањето на цените на камионите ќе биде уште поголемо: исполнувањето на границата за емисија на NOx наметната со европскиот стандард Еуро 7 ќе значи, според некои проекции, зголемување на цените од најмалку 2.700 евра по камион.

И не само што ќе се зголеми продажната цена на автомобилите, туку и на некои компоненти, како на пример гуми. Производителите на гуми за прв пат ќе мора да ги почитуваат ограничувањата за емисија на честички поставени за гумите, што ќе ги принуди да развиваат нови производи кои ги исполнуваат новите стандарди – што чини пари. Тоа ќе влијае и на набавната цена на возилото и индиректно на трошоците за одржување.

Возилата кои користат дизел како гориво најмногу ќе бидат погодени од новиот стандард Еуро 7. Оние кои ќе останат во продажба со дизел мотори од 1 јули 2025 година, ќе забележат најголем пораст на цените, што дополнително ќе ја намали продажбата.

Дополнително, автомобилите на дизел нема да бидат добро прифатени на половниот пазар, не само затоа што користените автомобили ќе бидат поскапи, туку и затоа што ги чекаат нови „зони со ниска емисија“ во бројни градови на ЕУ, од Германија до Холандија до Шпанија, во кои нема да можат да ги возат своите автомобили.

Интересно е што сето ова нема да доведе до ренесанса на електричните автомобили, кои со текот на годините би требало да стануваат сè попопуларни и достапни. На ова уште еднаш предупреди еден од главните луѓе на светската автомобилска индустрија и прв човек на Stellantis, Карлос Таварес, кој претходно изјави дека нормата Еуро 7 не е ни потребна, туку дека доколку е политички замислена за „тивко убиство“ на моторот со внатрешно согорување, подобро е веднаш да се премине на електрификација.

Тој сега за Automotive News вели дека „построгите стандарди за емисија на издувни гасови Еуро 7 се бескорисни и нема да бидат од корист за клиентите и за животната средина“. Излегува дека производителите тешко ќе можат да си дозволат скапи инвестиции во развојот на нови или само приспособување на постојните мотори со внатрешно согорување на Euro 7 и во исто време да развијат електрични модели за да ги исполнат целите за електрификација од 2035 година.

Затоа, бидејќи нормата Еуро 7 стапува на сила десет години пред општата забрана за возила со внатрешно согорување во ЕУ, развојот на достапни и висококвалитетни автомобили напојувани од батерии или водород со нула емисија веројатно сè уште ќе биде турнат во втор план кај повеќето производители во наредните години. Пред нив се прво две, па уште десет години во кои во од ќе одлучуваат што и како понатаму. Секако, ваквиот развој на ситуацијата сигурно нема да се одрази добро на купувачите на автомобили…