Арсовски во СТУДИО 10: Комунистичката партија преминува во народно движење, граѓаните не им веруваат на партиите

Ние функциониравме, постоевме, требаше да се пререгистрираме пред некое време, но гледајќи ја состојбата во државата решивме да преминеме со движење, оти комунизмот е движење, наместо да бидеме политичка партија што има лоша асоцијација кај луѓето како криминална банда. Нашите граѓани се разочарани од дејствувањето на политичките партии. Под демократија се подразбира она што го сака народот, а не она што ќе ви биде наметнато, вели Горан Арсовски од Комунистичката партија на Македонија во СТУДИО 10 на ТВ 24

- Има примери во светот. Во моментов најмоќна држава во светот е Кина, која има само една политичка партија, вели Арсовски.

Арсовски вели дека по осамостувањето кога ќе се кажеше комунист, луѓето не сакаа да се поистоветуваат со тоа стравувајќи од последици.

- Во Македонија ништо не се смени кога СДСМ го презеде имотот на Комунистичката партија, напротив, видете што направија со државата, вели Арсовски.

Тој вели дека на времето во Југославија на граѓаните им беше достапно работно место и плата со која можеа да одат на одмор, да купат автомобил и стан и да имаат заштеди и да живеат, за разлика од сега кога тоа е невозможно па луѓето се разочарани.

- Кај нас луѓето се поделени на двете големи партии иако некои имаат и повеќе членски книшки па ги користат зависно кој е власт. Сега не се подобри работите, затоа луѓето се иселуваат. За помалите партии нема услови да дојдат до израз и да ја изнесат својата понуда, вели Арсовски.

Тој вели дека отворените листи би помогнале малите партии да дојдат до израз, а според него Левица не е лева, комунистичка партија туку десна. Арсовски вели дека во суштина ние немаме јасно профилирани во идеолошка смисла партии, иако на Левица треба да ѝ се честита што за кратко време постигнаа многу членови и успех.

Арсовски вели дека проблемот на малите партии е што ја губат својата идеологија приклучувајќи се кон поголемите.