Трудница која дошла на рутински преглед во болница во Прага била подложена на абортус откако лекарите не сфатиле дека се работи за погрешен пациент.
Во трагичниот инцидент кој се случил оваа недела, мешањето на две жени во Универзитетската болница Буловка во Прага 8 резултирало со абортус на бремена жена без нејзино знаење или желба.
Здравствен експерт вели дека освен големата негрижа од страна на персоналот, за шокантниот настан придонела и јазичната бариера.
Кобната грешка се случила на 25 март, јавуваат чешките медиуми. Имено, една трудница дошла во болница на редовен преглед во бременоста. Меѓутоа, медицинските сестри, лекарите, гинеколозите и анестезиолозите ја помешале со друга трудница, на која и била закажана киретажа (метод на абортус).
Така, бремената мајка била ставена под општа анестезија и лекарите по грешка и направиле абортус.
„Министерството за здравство изразува длабоко жалење до пациентот и целото семејство“, рече портпаролот на министерството Онджеј Јакоб во соопштението за печатот во четвртокот.
„Дојде до непростлива човечка грешка, а одговорните се разрешени од нивните должности“, додаде тој.
Самата болница за информативниот портал „Novinki.cz“ соопшти дека е подготвена да плати отштета.
Според чешките медиуми и двајцата пациенти се странски државјани кои живеат во Чешка.
Официјалните лица не објавија никакви информации за идентитетот на жените.