logo
logo
logo

Почина Афроамериканец во Охајо, откако полицаец му клечи врз вратот: Не можам да дишам (ВИДЕО)

Vecer | 26.04.2024

Почина Афроамериканец во Охајо, откако полицаец му клечи врз вратот: Не можам да дишам (ВИДЕО)

Полицијата во американската сојузна држава Охајо објави видео од Афроамериканец кој починал во локалната болница откако постојано им велел на полицајците „не можам да дишам“ додека го држеле на подот од бар, притискајќи го со коленото врз неговото грлото и му ставија лисици, потсетување на случајот со убиството на Џорџ Флојд во 2020 година.

Видеото, снимено со камера на телото на полицаецот, е објавено вчера од полициската управа на Кантон, на кое се гледа како полицајците приведуваат маж, 53-годишниот Френк Тајсон, под сомнение дека го напуштил местото на несреќата на 18 април.

Полициското одделение не било веднаш достапно да го коментира видеото, кое беше објавено на интернет од неколку локални медиуми, ниту да ги потврди деталите за инцидентот.

Видеото трае 36 минути и започнува со тоа што полицаец наидува на автомобил кој удрил во бандера, по што случаен минувач му кажува на полицаецот дека возачот побегнал во блиската кафеана.

Полицајците на видеото потоа влегуваат во барот, каде што го наоѓаат Тајсон како стои во барот. Дошло до расправија кога се обиделе да го грабнат за раце, а тој постојано викал „Се обидуваат да ме убијат“ и „Повикајте го шерифот“.

Полицајците го туркаат Тајсон на земја и му ставаат лисици. Еден од нив му го става коленото на грбот, во близина на вратот и го држи таму околу 30 секунди.

На видеото се слуша како Тајсон повторува „Не можам да дишам, не можам, тргни се од вратот“, додека полицаецот извикува „Смири се“ и „Добро си“ пред да стане.

На видеото потоа се гледа како Тајсон лежи неподвижен на подот околу шест минути, со лицето надолу, додека полицајците разговараат со газдите на барот.

Полицајците потоа го проверуваат Тајсон, кој не реагира. Се слуша како велат „Дали дише?“ и "Дали има пулс?"

Осум минути откако му ги ставиле лисиците, ги вадат и почнуваат со CPR. Болничарите потоа пристигнуваат и го носат Тајсон од барот на носилки до амбулантно возило, како што се гледа на видеото.

Тајсон починал во локалната болница, според телевизијата WKYC, филијалата на NBC во Кливленд. Ројтерс не можеле веднаш да го потврди извештајот. Официјалната причина за смртта се уште не е утврдена.

Инцидентот потсетува на случајот со друг Афроамериканец, Џорџ Флојд, и неговата смртоносна средба со полицијата во Минеаполис пред четири години. Видеото од убиството на Флојд, снимено на мобилен телефон, стана вирално на Интернет и доведе до серија протести против полициската бруталност и расизмот низ целата земја. На тоа видео, Дерек Шовин, бел полицаец, може да се види како клечи на вратот на Флојд повеќе од девет минути додека Флојд, моли за живот повторувајќи „Не можам да дишам“ пред да замолчи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk