Достапни линкови

Автопатите на Бехтел и Енка по една година - нема ни педа асфалт


Механизација која треба да го гради автопатот Гостивар Букојчани на Коридорот 8.
Механизација која треба да го гради автопатот Гостивар Букојчани на Коридорот 8.

Една година од потпишување на договорот за автопати со Бехтел и Енка и три прослави за почеток на градба, а на асфалт уште не замирисало. Досега е одземен нешто повеќе од половина од имотот каде ќе поминуваат трасите, и на третина од земјиштето му е направено геотехничко испитување. Властите очекуваат март да го одбележи градежна експанзија. Жителите на местата каде ќе поминуваат патиштата не сакаат на нивните ниви да никне автопат.

Наместо кромид, домат, пиперки и компири, на дел од нивите на жителите во Горна и Долна Бањица во гостиварско, се планира да никне камп за градежна механизација и за работниците, кои треба да го градат автопатот од Гостивар до Букојчани, дел од коридорот 8.

Преку Коридорот 8 Северна Македонија треба со автопат да се поврзе со Албанија.

Жителите негодуваат што државата сака да го експропира имотот од кој егзистираат од памтивек. По протестите и блокадите, властите минатата недела им дале некое ветување, но што ќе излезе од сето тоа ќе се знае следната недела, вели Насир Асипи, претседателот на месната заедница Долна Бањица.

„Нивите со векови се на нашите семејства, од отоманско време. Тоа не е имот за продавање, тоа е плодно земјиште. Ние ниви не продаваме, опстанокот ни е од тоа. Се продавало долу, кај што се куќите, по 60-70-80 евра за квадратен метар, ама нивните не се продаваат за плацеви, за куќи, а и ако се продавале, тоа е за производство, не за да се гради“, вели Асипи.

Според првичните проценка на изведувачите треба да се одземе околу 60 хектари земјиште во селата Горна и Долна Бањица, што е колку 120 фудбалски игралишта. Мештаните за возврат ќе добијат по 650 денари (околу 10 евра) за квадратен метар земјиште. Тие предложиле кампот за потребите на работниците да се изгради во старата касарна во гостиварско, но властите го отфрлија тоа со образложение дека ако се смени планот ќе се пролонгираат градежните работи.

А во Горна Бањица лани, на 12 септември беше одбележан последниот од трите официјални почетоци на градба на автопатите. Функционерите првпат фрлија лопата на 4 април, за старт на изградба на Коридорот 8. Камен темелник на Коридорот 10д означија на 12 мај. Во септември, пак, заедно со американската амбасадорка Анџела Агелер го стартуваа црвеното копче за минирање, преставувајќи го како „реална активност на терен“.

Почеток на градежните работи на автопатот Гостивар - Букојчани на Коридорот 8 / Анџела Агелер, Артан Груби и Благој Бочварски, 12 септември 2023.
Почеток на градежните работи на автопатот Гостивар - Букојчани на Коридорот 8 / Анџела Агелер, Артан Груби и Благој Бочварски, 12 септември 2023.

Што е направено досега?

По една година од потпишувањето на договорот, податоците од терен покажуваат дека нешто повеќе од половина од земјиштето низ ќе минуваат автопатите од коридорите 8 и 10 Д, е одземено. До крајот на 2023, извршена е експропријација на 58 отсто од приватниот имот, на кој ќе се градат патиштата.

Геотехничките испитувања, пак, одат поспоро. Таму е завршена само третина од работата, покажува Извештај на Супервизијата за прогресот на изградба на автопатите од коридорите 8 и 10 д, објавен на веб страницата на Јавното претпријатието за државни патишта (ЈПДП).

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски вели и дека се усвоени и дел од урбанистичките проекти, а одобрени од Владата се и дел од трасите.

Директорот на JПДП Ејуп Рустеми заедно со премиерот Талат Џафери и министрот за транспорт и врски Благој Бочварски, направија увид на активностите на терен поврзани со изградбата на Коридорот 8. 1 март 2024
Директорот на JПДП Ејуп Рустеми заедно со премиерот Талат Џафери и министрот за транспорт и врски Благој Бочварски, направија увид на активностите на терен поврзани со изградбата на Коридорот 8. 1 март 2024

Сопствениците нека тужат, патот ќе се гради

Првиот човек на Претпријатието за државни патишта, Ејуп Рустеми во интервју за Радио Слободна Европа, вели дека каде што има експропријација има и емоции, но сепак очекува месецот да има поголема градежната офанзива.

Американско - турскиот конзорциум Бехтел- Енка и државата пред една година (8 март 2023) склучија договор за изградба на четири автопатски делници (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требеништа-Ќафасан и Прилеп-Битола). Поради горкото искуство со градбата на претходните автопати, кои се градат со години и не им се гледа крајот, владата се одлучи новите патишта да се градат по принципот „клуч на рака“. Односно Бехтел и Енка ќе си изготват физибилити студија, ќе проектираат и целосно ќе го изведат проектот. За таа цел беа сменети и неколку закони, меѓу кои и тој за експропријација, па сега постапката е забрзана. Бехтел и Енка нема да мора да чекаат правосилност на одлуката за експропријација, туку може да располагаат со имотот штом одлуката за експропријација стане конечна.

„Сопственикот на имотот може да продолжи со постапки пред Суд, но владението на имотот се префрла кај Јавното претпријатие за државни патишта и градбата на патот си продолжува“, вели Рустеми.

За експропријација на приватниот имот државата планира да потроши 300 милиони евра. Според најавите на функционерите од пред една година, дополнителни 1,3 милијарди евра ќе бидат потребни за да се изградат 109-те километри пат. Рокот е 57 месеци, од кои веќе помина една година.

Во првите два месеци од годината не се исплатени пари за градба на патиштата. Тие се финансираат од буџетот, за чија цел годинава се предвидени 5,1 милијарди денари или околу 245 милиони евра од Буџет.

Во 2023 требаше да се исплатат 244 милиони евра, но Министерството за транспорт на сметката на Претпријатието за државни патишта исплатило 235 милиони евра, покажуваат податоците на владината алатка за отчетност Отворени финансии. ЈПДП потоа ги исплаќа на сметка на Бехтел и Енка. Од тие пари конзорциумот добил 207 милони евра, а останатите пари се на посебна сметка во државното претпријатие и годинава ќе се трошат, вели Рустеми.

За изградба на автопатите беше заобиколен Законот за јавни набавки, и беше донесен нов закон за договор во „четири очи“. На Уставен суд падна член од законот поврзан со работнички права. Еден обид за избор на надзор на изградбата пропадна, откако победи фирма на која ѝ најдоа „руска врска“. На вториот тендер, пак, победи конзорциум што се доведува во врска со корупциско - дипломатски скандал.

Рустеми: Не ме викнале во обвинителството за проектот на „Бехтел и Енка“
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:55 0:00

Еден истражител работи на предметот за надзорот на Бехтел и Енка

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција минатата недела брифираше дека отвориле предмет по допрен глас за јавната набавка за избор на фирма за надзор на градби на коридорите 8 и 10Д, кои ги гради конзорциумот Бехтел и Енка. Се анализира и првиот склучен, па поништен договор за надзорот, и вториот кој беше подоцна распишан, а за ова било потребно и да се преведе договорот од англиски јазик. Од Обвинителството брифираа дека одлучувањето по овој предмет долго трае, оти на него работи само еден истражител, кој патем работи и на други предмети.

И амбулантата е без лиценца

Последната вест поврзана со коридорите е дека е затворена амбулантата во Гостивар што им дава медицински услуги на работниците на Бехтел и Енка по вонреден инспекциски надзор на Здравствениот санитарен инспекторат. Инспекторатот утврдил дека поликлиниката „Санте плус 2“ нема лиценца.
„Во моментот на надзорот затекната е медицинска опрема, лекови, потрошен медицински материјал и медицински отпад од извршени медицински интервенции ( инфузии, шприцеви…).“ – велат од Инспекторатот.

Проектот за градба на делниците од коридорите 8 и 10Д вклучува седум клучки, 34 мостови, 34 надвозници, 24 подвозници, над 21 милион метри кубни ископ, над 10 милиони метри кубни земјени насипи, 620.000 метри кубни бетон, 2,2 милиони метри куби подлога, 1,1 милион тони асфалт над 6000 и 320 км заштитна ограда, наведува Енка на својата веб страница.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG