Линкови за пристапност

Трамп потврди директни разговори со Хамас


Демонстранти држат фотографии на кои се прикажани лицата на израелските заложници кои се држат во појасот Газа, за време на протестот со кој се бара нивно ослободување од Хамас, во Тел Авив, Израел, 6 март 2025 година
Демонстранти држат фотографии на кои се прикажани лицата на израелските заложници кои се држат во појасот Газа, за време на протестот со кој се бара нивно ослободување од Хамас, во Тел Авив, Израел, 6 март 2025 година

Претседателот Доналд Трамп во четвртокот потврди дека неговата администрација преговара со Хамас, означена од САД како терористичка група, за ослободување на преостанатите заложници. Тој го повтори неговиот претходен ултиматум дека ќе биде хаос во Газа доколку не бидат веднаш ослободени.

„Ќе дознаете“, рече Трамп во Овалната канцеларија на новинарско прашање.

Трамп го истакна неговиот состанок во средата со ослободените израелски заложници.

„Имав чест да поминам многу време вчера со неколку луѓе што ги ослободивме и не ми се верува колку лошо се однесуваа со нив“, рече тој.

Претходно во четвртокот, Стив Виткоф, специјалниот претставник на претседателот за Блиски Исток, им рече на новинарите во Белата куќа дека може да се преземе некоја акција од администрацијата што може да се направи „заеднички со Израелците“.

„Хамас има можност да дејствува разумно, да го направи она што е правилно, а потоа да се повлече“, рече Виткоф, мислејќи на барањата на САД и Израел Хамас да нема никаква воена или политичка улога во повоена Газа.

Ниту Трамп, ниту Белата куќа одговорија на прашањата дали опциите што се разгледуваат ќе вклучуваат воена акција.

Во минатото, официјални лица изјавија дека нема да испратат американски војници во Газа.

Одлуката на Трамп да започне директни разговори со Хамас за ослободување на заложниците, предводени од специјалниот пратеник за заложници Адам Болер, означува отстапување од долгогодишната политика на Вашингтон да не преговара со терористи.

„Ние му помагаме на Израел во тие дискусии, бидејќи зборуваме за израелски заложници. И ние не правиме ништо во однос на Хамас. Не даваме кеш“, рече Трамп.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Израел им го кажал на „САД својот став во врска со директните разговори со Хамас“.

Хамас рече дека најдобриот пат за ослободување на заложниците е преку преговори за прекин на огнот.

Се додава дека заканите од Трамп го охрабруваат Израел да се повлече од повеќефазниот договор за прекин на огнот во Газа постигнат на 19 јануари, еден ден пред Трамп да стапи на функција.

„Јазикот на заканите не не` заплашува; тоа само дополнително ги комплицира работите“, рече функционерот на Хамас, Сами Абу Зухри во изјавата објавена на каналот Телеграм, поврзан со групата.

Трамп објави: „Ослободете ги сите заложници сега, не подоцна, и веднаш вратете ги сите мртви тела на луѓето што ги убивте, или за вас е ГОТОВО. Јас му испраќам на Израел сè што му е потребно за да ја заврши работата, ниту еден член на Хамас нема да биде безбеден ако не постапите како што велам“.

Неговата администрација испрати оружје во вредност од четири милијарди долари за Израел оваа недела, вторпат за еден месец да го заобиколи одобрението на Конгресот за испраќање оружје во земјата.

Разговорите меѓу САД и Хамас се чини дека се нова дипломатска патека, одвоена од тековните преговори меѓу Хамас и Израел, со посредство на Катар и САД, за да се обезбеди втората фаза од прекинот на огнот во Газа.

Хамас ги обвини САД и Израел дека се обидуваат да се повлечат од преговорите како што првата фаза заврши минатиот викенд.

„Повеќето луѓе очекуваат дека примирјето ќе пропадне затоа што очекуваат дека премиерот Нетанјаху повторно ќе почне да ја напаѓа Газа“, рече Мирет Мабрук, висок соработник на Институтот за Блиски Исток.

„И штом тоа се случи, нема да има повеќе ослободувања на заложници“, изјави таа за Гласот на Америка.

Арапските нации во вторникот поддржаа контрапредлог на повикот на Трамп за протерување на Палестинците и претворање на Газа во ривиера.

Според арапскиот план, Палестинците ќе останат таму, а Хамас ќе биде исклучен од управувањето.

Израел го отфрли планот, но Вашингтон го гледа како „прв чекор со добра волја“, рече Виткоф како одговор на прашањето на Гласот на Америка пред новинарите во Белата куќа во четвртокот.

„Ние проценуваме сè таму. Значи, малку е рано да се коментира“, рече тој.

XS
SM
MD
LG