Не престануваат реакциите за заклетвата со името Македонија на претседателката Силјановска Давкова

Спроведувањето на Преспанскиот договор е обврска, а не прашање на самоопределување. Ваква порака испрати денеска шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, откако вчера од кабинетот на шефицата на државата Гордана Силјановска Давкова, порачаа дека чин на лично самоопределување е употребата на името Македонија во јавни настапи.

- Грција бара целосно усогласување со Договорот од Преспа. Не се работи за прашање на самоопределување на функционерите, политичарите, ова сите го сфаќаме, туку се работи за почитување на договореното. Името Република Северна Македонија во Договорот од Преспа, согласно член 20, не може под никоја околност да се измени. Прашањето за името не е од оние прашања што може да се изменат, дури ни со заемна согласност. - изјави Јоргос Герапетритис МНР Грција.

Денеска се јави и поранешната шефица на грчката дипломатија, Дора Бакојани, која високо котира во партијата на Мицотакис. Според неа, реакциите на официјална Атина ќе бидат огромни, ако Македонија не се придржува до договореното, но во исто време порача и дека Грција мора да ги изгласа меморандумите.

- Меморандумите мора да се гласаат. Можевме да го направиме тоа порано. Реалноста се одмаздува. Тоа го доживеавме со сите оние кои би кинеле меморандуми. Кога ќе се формира влада во Скопје реалноста ќе им падне на нивните глави и ќе сфатат дека се што кажаа пред избори е само свеж воздух. - изјави Дора Бакојани поранешна министерка за надворешни работи на Грција.

И Стејт Департментот испрати порака до официјално Скопје. На новинарско прашање за време на брифинг, порачаа да се почитуваат меѓународните договори, а САД ќе продолжат да ја поддржуваат целосната интеграција на земјата во евроатлантската заедница.

- Соединетите Американски Држави остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Како што ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ние ќе продолжиме да ја зајакнуваме важноста на почитувањето на меѓународните договори и придобивките од полноправното членство во Европската унија. - изјавија од Стејт Департментот.

Силјановска Давкова денеска имаше тет а тет средба со ЕУ амбасадорот Дејвид Гир. Од кабинетот на претседателката, без детали дали се разговарало и за заклетвата на Силјановска во законодавниот дом. Порачаа дека шефицата на државата за време на разговорот со Гир се изјаснила дека местото на Македонија е на иста маса со европските земји.