Alpina ќе го понуди лимитираниот модел B5 GT во две каросериски верзии. Oсновната цена во Германија е 145.500 евра за лимузинската и 148.500 за караванската варијанта.

Додека трпеливо ја чекаме новата генерација на BMW Серија 5 да дебитира подоцна оваа година, Alpina лансираше последно специјално издание на актуелниот модел. Моделот кој се крие зад ознаката B5 GT со себе го носи најмоќниот мотор досега кој е „расклопен, доработен и повторно составен” во Alpina.

Alpina ќе го понуди B5 GT во две каросериски изведби во само 250 примероци, а купувачите кои се подготвени да потрошат најмалку 145.500 евра може да сметаат на 4.4-литарски V8 битурбо мотор кој развива 634 КС и 850 Nm максимален вртежен момент.

Наведените бројки се доволни за лимузинскиот B5 GT од 0 до 100 km/h да забрза за 3,4 секунди и да развие 330 km/h, додека попрактичната караван верзија ќе достигнува 100 km/h за 3,6 секунди и ќе развива 322 km/h. Преносот на моќноста на двете оски (xDrive) се управува со рафиниран 8-брзински автоматски менувач, а ефикасното запирање е обезбедено со сопирачките на Brembo, видливи под добро познатите 20-инчни класични бандажи на Alpina.

Покрај познатите нијанси на сина и зелена, Alpina ќе понуди уште шест бои на каросеријата со B5 GT, а има и неколку комбинации на бои во кожната и дрвена внатрешност, која е украсена со сериска табличка и карактеристичните Alpine амблеми. 

Книгата за нарачки е отворена, а првите испораки се планирани за јули.