• Горан Упале
Фудбалската репрезентација на Јапонија ќе стане првата која ќе се квалификува за Светското првенство во 2026 година, доколку в четврток слави на натпреварот против Бахреин.
Тимот на Хаџиме Моријасу сака да ја продолжи својата фантастична форма во азиските квалификации и со евентуален триумф на стадионот „Саитама“ ќе обезбеди виза за следниот Мундијал. Три бода ќе ѝ гарантираат на Јапонија пласман меѓу првите два репрезентации во групата Ц и со тоа ќе им се придружи на домаќините Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико на Светското првенство следната година.
„Сè уште ништо не е решено и верувам дека треба да дадеме приоритет и да одиграме според нашите можности за да победиме во натпреварот и да обезбедиме место на Светското првенство“, рече Моријасу.
Јапонците загубија само два бода на шесте квалификациски натпревари и моментално имаат девет бода повеќе во однос на третопласираната Индонезија, на четири кола до крајот на квалификациите. За потсетување, во Европа уште не започнале квалификациите за планетарниот собир, а Јапонија веќе е пред завршување на задачата.
Македонија својот пат кон историски пласман на Светското првенство ќе го започне в сабота, на гости кај Лихтенштајн.