Ескобар: Посетата на Си на Белград ги зголемува тензиите помеѓу Србија и Западот

Заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија во заминување Габриел Ескобар денеска изјави дека посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Белград ги зголемува тензиите меѓу Србија и Западот.

Тој на онлајн прес-конференција истакна дека е „нездраво“ да се подигнат тензиите меѓу Србија и Западот и ги повика партнерите „да бидат внимателни кон агендата на Кина во Европа“.

Ескобар посочи дека за интеграција на Србија во трансатлантската заедница се неопходни помирување, владеење на правото и добри односи со сите соседи.

Специјалниот претставник на САД за Западен Балкан се осврна и на односите помеѓу Србија и Москва, наведувајќи оти би било „погрешно да се толкува дека Русија е причина за проблемите на Балканот“.

- Русија ги користи проблемите на Балканот, но тие постојат 25 години. Со решавање на проблемите го затвораме просторот за Русија да има влијание во регионот, посочи Ескобар.

Тој се спротивстави на денешниот став на косовскиот премиер Албин Курти дека формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) во Косово и влезот на Косово во Советот на Европа треба да бидат посебни процеси.

- Тие два процеси се многу поврзани, бидејќи Советот на Европа се занимава со правата на малцинствата, а Косово се обврза да формира ЗСО. Го охрабрувам Косово да соработува тесно со американските и европските партнери за да постигне напредок, наведе Ескобар.