Што очекува а што му се нуди на бизнисот во изборните програми на партиите?

Оптимистички најави во економските програми на партиите за следните четири години. Институтот за економски анализи Фајнанс Тинк подготви анализа за  ветувања на најголемите партии од власта и опозицијата.Економски раст, висина на плати, ниво на вработеност, социјална помош, даночна политика, субвенции. Ова се главните ветувања на партиите, кои ги анализираа експертите. Во главно, проекциите приближно им се исти, економијата да испорача раст од над пет отсто, просекот на платите да надминат 1000 евра, невработеноста да биде на едноцифрено ниво, субвенции за земјоделците близу едена милијарди евра, поддршка за бизнисот. Од Фајнанс Тинк само ги потсетија политичарите дека постојат големи слабости во системот за да се остварат нивните ветувања. 

„Северна Македонија може да постигне раст кој ќе се движи околу потенцијалниот раст од 4-4.5% на среден рок од 3-4 години, што би резултирало со просечен раст од 4% или нешто пониско. Потребно е да бидат земени предвид слабостите на системот, потреализацијата на клучни стратегии и стагнацијата кај клучни реформи во изминатиот период, недоволноста на образовните реформи, отсуството на транзиција на работната сила од системот на социјална заштита кон пазарот на труд, произволниот систем на државна помош, компромитациите во системот за поддршка на иновациите“, проценува Фајнанс Тинк.

Најголемата мака на бизнис секторот во Македонија е како да се задржи работниот кадар. Од новата влада стопанствениците ќе побараат невработените лица кои се под Агенцијата за вработување, да бидат поактивни, добар дел од нив да се преквалификуваат и да пополнат некоја дупка на пазарот на труд. 

„Дали да се оди со тренинзи со обуки, или да се направи селекција. Ние бараме 25 илјади а 105 илјади лица бараат работа, значи во тој дел треба да се работи“, вели Менди Ќура, претседател на СКСМ.

Бизнисот смета дека и моделот на делење на субвениции  за земјоделците мора да се промени. Секоја година се зголемуваат милионските суми за поддршка на производството на храна, но во реалноста се случува спротивното, земјава е се позависна од увоз на прехранбени производи. На тој начин не може да се гарантира ценовна стабилност на долг рок, велат бизнисмените.

„Намерата е да се зголеми производството, да се обработува земјава. Суштината е дека и покрај доделувањето на субвенциите, има ниска профитабилност ако се занимавате со земјоделие. Тука треба да се тргне од крајниот елемент, тој што произведува, кои му се трошоците кои се трошоците, па да се види како работи“, рече Горан Ѓорѓиевски, потпретседател на ССК

Политичките партии веќе им ги презентираа своите економски планови   на дел од стопанските комори. Но, во однос на развојот на економијата, не само политичките партии и бизнис здруженијата подготвија свои платформи кои ќе ги достават на политичките субјекти и од нив ќе побараат детално да кажат што би прифатиле и би реализирале ако дојдат на власт.