Со огномети, звуци на камбаните, кршење црвени јајца - православните верници го слават Велигден

Православните христијани го празнуваат најважниот верски празник Велигден. На полноќ, со велигденски јајца и со отпоздравувањето „Христос воскресна-Навистина воскресна“, го чествуваат воскресението на Исус Христос, на третиот ден по неговата смрт. Молитви, црковни ѕвона, велигденски извици, огномет-одбележување на Христовото воскресение. Велигденската служба започнува на полноќ, која значи почеток на велигденското утро. Пред литургијата на полноќ, не се одвива ниту една друга пред неа изутрина, а тоа е така затоа што Велигден важи за празник над празниците. Денеска во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ се одржа свечена велигденска литургија. Со свечената Велигденска литургија, чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со членови на Архијерејскиот Синод и со свештенството на Соборниот храм.

Денеска се кршат велигденските јајца , се јаде мрсна храна по четириесетдневниот пост. На овој празник кој е триумф на животот над смртта-граѓаните посакаа здравје, мир и љубов 

Од Соборниот храм, одекна порака дека тајната на Христовото воскресение најмногу се открива во дарот на простувањето. Невозможно е вистински да се празнува празникот над празниците – ако не се простува и ако не се побара прошка.

Празнувањето почнува на Велики четврток уште пред изгрејсонце, со бојадисување на првите три црвени велигденски јајца. Вапсањето црвени јајца за Велигден е старо колку и христијанството и црквата како симбол на Христовото воскресение. Првите Христијани почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден.