Македонија
2. May 2024 - 16:32

Вапцање велигденски јајца в зори на Велики Четврток

Традиционално како и секоја година на овој ден Велики Четврток се вапсуваат јајцата за големиот христијански празник Велигден. Според обичајот домаќинките во Прилеп прво вапсуваат три јајца, уште пред изгрејсонце, а секое од тие јајца си има своја симболика. Првото вапсано јајце се нарекува Божјарче, бидејќи е посветено за Господ. Второто е посветено за ќуќата, а третото за нивата или имотот. Сите три јајца потоа заедно ставени и на црвена подлога се ставаат на прозор да ги огрее првиот сончев зрак. Во Прилеп скоро и да нема куќа која не ја почитува оваа традиција.

„И со едното јајце одиме рано на сабајле каде што спијат децата и ги премачкуваме на лицето и им велиме црвено бело дебело, за да бидат здрави, црвени и храбри“, рече Менче Милошеска, членка на здружение „Преродба“ – Прилеп.

Според православната црква на Велики Четврток, за време на Тајната вечера Христос ја воспоставува Светата евхаристија, односно причествувањето. За секој од овие предвелигденски денови има разни обичаи кои се практикуваат. Утре на Велики Петок се оди во црква каде верниците ја целиваат плаштаницата,

„Потоа во нашиот град има панаѓур околу црквите со многу тезги, па останало адет жените да купиме некоја тава или грне за да го имаме како спомен за Велигден и да си речиме е ова си го купив за Велики Петок од црквата“, изјави Лилјана Ацеска, членка на здружение „Преродба“.

Во саботата се прават последните подготовки за најголемиот христијански ден Велигден.

„Се носат децата во чаршија да им се купи нова облека за Велигден и не само децата туку и ние возрасните сакаме да си купиме нешто да се дотераме. Бидејќи кај нас се уште се негува традицијата на самиот ден Велигден да се шета од куќа на куќа и да се посетат пријателите и роднините“, додаде Ацеска.

Прилеп има навистина посебни обичаи кога доаѓаат овие Велигденски денови, а освен постарата нив подеднакво ги почитува и помладата генерација.