logo
logo
logo

Грузија ги обвини организаторите на протестите дека со сила сакаат да ја преземат власта

Vecer | 08.05.2024

Грузија ги обвини организаторите на протестите дека со сила сакаат да ја преземат власта

Веќе еден месец илјадници луѓе речиси секој ден протестираат против предложениот закон, кој го сметаат за авторитарен и инспириран од сличен закон во Русија кој се користи за сузбивање на неистомислениците.

Во објава на Фејсбук, агенцијата за внатрешна безбедност на Грузија предупреди дека организаторите на протестите имаат за цел „да ги соборат државните структури и владата со насилни средства“.

Агенцијата истакна дека организаторите на протестите биле финансирани однадвор и дека планирале насилство врз полицијата, заедно со кампања на граѓанска непослушност како „обоените револуции“, серија бунтови кои ги соборија владите во поранешните советски републики во раните 2000-ти.

„Ги повикуваме младите кои учествуваат во протестите да не следат провокации“, се наведува во соопштението.

Грузискиот парламент треба да го одржи третото и последно читање на законот на 13 мај. Опозицијата повика на нова серија масовни протести од 11 мај.

Западните земји го критикуваат  предложениот закон, според кој организациите кои добиваат повеќе од 20 отсто пари од странство ќе мора да се регистрираат како агенти на странски служби. Европската унија, која на Грузија ѝ додели кандидатски статус во декември, предупреди дека законот може да го отежне пристапот во Унијата.

Предлог-законот предизвика конфликт меѓу владејачката партија Грузиски сон и коалицијата на опозициските партии, граѓанското општество и претседателот на земјата. Владата посочува дека законот е потребен за да се промовира транспарентноста и да се заштити грузискиот суверенитет.

Безбедносните сили често користат солзавец и водени топови против демонстрантите. Минатата недела полицајци го претепаа лидерот на најголемата опозициска партија во Грузија.

Претседателката на парламентот Шалова Папунашвили денеска најави дека владејачката партија ќе создаде јавна база на податоци „за сите лица вклучени во насилство, други незаконски дејствија, закани и уцени или секој кој јавно поттикнува такви дела“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk