„Слободен печат“ дознава: Фондот за здравство влегува во штрајк, ќе бараат разрешување на целиот Управен oдбор

Фонд за здравство / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Фондот за здравствено осигурување влегува во штрајк кој ќе биде официјално најавен утре, а ќе почне од 1 јуни, потврдија за „Слободен печат“ три извори од ФЗОМ. Единственото нешто што може да го спречи „клучот на вратата“ на ФЗОМ од 1 јуни, е во текот на мај Управниот одбор да биде разрешен и да се постават нови членови кои ќе дозволат да се усогласат платите на вработените, односно примањата да не им се намалуваат од 1 јуни. Станува збор за сума од 2.400 денари.

Според информации на „Слободен печат“, на крајот на минатата недела имало состанок на Управниот одбор на Фондот, каде на дневен ред било усогласување на платите на вработените. Но, членови на Управниот одбор гласале дека за тоа нема да има дискусија, односно ја отстраниле таа точка од дневниот ред и ја оставиле за после изборите.

– Ако до 31 мај не ни се усогласат платите тогаш ставаме клуч на вратата од 1 јуни. Нема да го поминеме цело лето без пари, бидејќи изборите завршуваат со формирање на влада, а ние нема да работиме без пари до тогаш. Утре ќе најавиме протест, а ако не ни се реши проблемот, од 1 јуни ќе има клуч на врата. Имаме тројца пензионери во Управниот одбор и членови со истечен мандат. Ќе побараме да биде разрешен цел Управен одбор на ФЗОМ и да се постават членови како што треба, а не вака, со луѓе што имаат истечени мандати, или пак се во пензија, изјави за „Слободен печат“ вработен во ФЗОМ кој е високопозициониран во синдикатот на Фондот.

Минатиот пат кога Фондот за здравство штрајкуваше тоа имаше консеквенци за голем број граѓани.

Шалтерите на Фондот за здравство не работеа. Не се процесираа барањата на пациентите за рехабилитација, за исплата на породилно боледување, за заверка на ортопедски помагала, а не се пресметуваше ни платата за цело здравство, што придонесе платите во државното здравство да доцнат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот